35. Меѓународен Саем на книгата, кој годинава ќе се одржува под мотото „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“, ќе се одржи од 4 до 10 мај во Арена „Борис Трајковски“, соопштија од Скопски Саем кои го организираат саемот со поддршка од Министерството за култура на РСМ.
Според организаторите, на годинешното издание ќе има над 50 учесници, во кои се вбројуваат најуспешните македонски издавачки куќи кои ќе ги претставуваат своите најактуелни изданија.
„Во календарот на најзначајни културни македонски настани, централното место со децении му припаѓа токму на Саемот на книгата – најомилениот период од годината кога ѝ посветуваме посебна љубов и грижа на личната домашна библиотека или пак кога ја зачестуваме навиката да пронајдеме и подариме нови книги на најблиските. Најголемата манифестација посветена на книгата на национално ниво, која во месец мај ќе претстави голем број наслови од сите континенти во светот, се занимава со промоција на книжевното творештво и љубовта кон пишаниот збор, како и културна размена и иницирање актуелни литературни и општествени прашања“, велат организаторите.
За претстојната програма, како и за сè што следува повеќе информации може да најдете на вебсајтот на Скопски Саем и на социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук.