Поради посериозен дефект во електричната мрежа, зградата на поранешна „Нова Македонија“ веќе три дена нема струја, пренесе вчера Мета.мк.
Во оваа зграда се наоѓаат Министерството за образование и наука (МОН), Министерството за информатичко општество и администрација, Државниот просветен инспекторат, дел од Министерството за култура, Комисијата за заштита од конкуренција, Управата за водење матични книги и неколку државни агенции.
„Веќе трет ден е вака. Моите работни обврски ги извршувам на компјутер, кој сега не можам да го користам бидејќи немаме струја. Денес си заминавме дома во 13 часот оти немаме услови за работа. Немаме информација кога ќе се реши“, вели вработен во МОН кој сакал да остане анонимен.
Од ЕВН велат дека тие се надлежни за мрежата до броилото, а во зградата имало „внатрешен дефект“ за што немаат надлежност, но сепак помагаат да се надмине ситуацијата.
„Објектот на поранешна „Нова Македонија“ има внатрешен дефект, а Електродистрибуција е надлежна за делот на мрежата до броилото. Иако не е во надлежност на нашата компанија, екипите на Електродистрибуција се на терен и се обидуваат да помогнат за да се надмине поскоро ситуацијата“, вели за Мета.мк, Вјоса Селими, портпаролка во ЕВН.
Извор: Мета.мк