Овој пат во рубриката #НизТвојотОбјектив ви претставуваме аналогни фотографии од Марија Тасеска, студентка на Архитектонскиот факултет во Скопје.
Тасеска вели дека аналогниот начин на фотографирање го открил преку фото-апаратот на татко ѝ.
„Тој е голем фанатик за овие области, како и јас, па веднаш ми го ‘пренесе знаењето’ и ме поддржа да го испробам овој начин на фотографирање. Моментално сè уште експериментирам и се надевам на најдоброто при развивањето на фотографиите, па се случува пријатно да ме изненадат или по малку да ме разочараат“, раскажува таа.
„Моментите кои сакам да ги ‘фатам’ се екстремите на секојдневниот живот, од најмирните спокојни моменти до најхаотичните. Фотографиите на крај секогаш испаѓаат непланирани, бидејќи кога планирам однапред, завршувам без фотографии. Кога го немам земено аналогниот фото-апарат, околината ја фотографирам со мојот телефон“, забележува Тасеска.
„Ги преферирам црно-бели дигитални фотографии, кои според мене подобро ја доловуваат суштината на фотографијата, без истата да биде ‘оттргната’ од страна на боите“, вели таа.
Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.
Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.