Европската мисија која ќе го проучува Јупитер и неговите три ледени природни сателити утрово успешно започна со лансирање на ракетатат Аријана-5 од Земјата.
Сондата на Европската вселенска агенција (ЕСА) беше лансирана од центарот Куру во Француска Гвајана во Јужна Америка.
Роботската сонда наречена „Juice“ (скратеница од Jupiter Icy Moons Explorer – Истражувач на јупитеровите ледени сателити) ќе патува осум години до најголемата планета во Сончевиот Систем и неговата мисија ќе биде да ги истражува нејзините три сателити – Европа, Калисто и Ганимед. Трите месеци се обвиени со мраз, а се верува дека тие можеби имаат подземни океани, каде би можел да постои морски живот.
„Пред повеќе од 400 години, Галилео ги откри месечините кои орбитираат околу Јупитер – вест која го шокираше ренесансниот свет и предизвика револуција во сфаќањето на човештвото за нашето место во Универзумот. Денеска испраќаме пакет на револуционерни научни инструменти на патување до овие месечини кои ќе ни дадат неверојатен близок поглед на она што не било замисливо за претходните генерации. „Juice“ со себе ги носи соништата на секој што некогаш погледнал кон Јупитер како силно свети на ноќното небо и се запрашал за нашето потекло“, вели Керол Мундел, директорка на наука на ЕСА.
„Богатството од податоци кои „Juice“ ќе ги обезбеди ќе овозможи научната заедница низ целиот свет да се вклучи во расветлување на мистериите на јупитеровите месечини, да ја истражи природата и можноста за живот на океаните на другите светови и да одговори на прашања кои се` уште не се поставени од следната генерација на научници“, додава таа.
Најимпресивниот потфат на сондата ќе биде обидот таа да влезе во орбитата на Ганимед, затоа што ниту едно вселенско летало досега не кружело околу некоја друга месечина освен нашата.
Сондата нема да бара знаци на живот, но ќе помогне да се утврди дали во скриените океани на сателитите има минимални шанси за едноставни видови на организми.
Сондата ќе патува по долг заобиколен пат до Јупитер и ќе помине 6,6 милијарди километри. Сондата, која е со големина колку помал автобус, нема да стигне до планетата пред 2031 година. Таа ќе помине три години кружејќи околу јупитеровите сателити, а потоа ќе се обиде да влезе во орбитата на Ганимед кон крајот на 2034 година и ќе кружи околу него уште околу една година во зависност од тоа колку гориво ќе остане.
Лансирањето на сондата првично беше закажано за вчера, но беше одложено поради лоши временски услови.