Во борба за власт помеѓу армијата на Судан и озлогласената парамилитантна војска која изби во текот на вчерашниот ден досега загинале повеќе од 50 цивили.
Жителите на главниот град Картум се најдоа во средиште на жестоки борби додека конкурентните воени крила се бореа околу претседателската палата, државната телевизија и седиштето на армијата.
Судирот изби по подолги тензии околу предложената транзиција од воена кон цивилна власт. Борбите продолжија и во текот на ноќта. Војската владее со Судан од државниот удар во октомври 2021 година.
И официјалната армија, како и нивните противници Силите за брза поддршка (РСФ) тврдеа дека имаат контрола врз аеродромот и други клучни локации во Картум.
Најмалку 56 цивили загинале во градовите и регионите низ оваа африканска држава, информираа од Комитетот на судански лекари, а само во Картум биле убиени 25 луѓе, меѓу кои и 17 цивили. Оттаму додаваат дека дополнително убиени се и десетици војници, додека речиси 600 луѓе се ранети.
Во градот Омдурман, која е во близина на Картум, можело да се слушне тешка артилерија. Очевидците велат дека имало пукање и во Порт Судан, градот на Црвеното Море.
Од армијата соопштија дека авиони ги гаѓаат базите на РСФ, а државната авијација повика граѓаните да останат во своите домови во текот на ноќта додека не биде завршена нивната акција.
Жителите на Картум за Би-Би-Си сведочеа за паниката и стравот кој го доживуваат, а еден од очевидците вели дека гледал како се пукаат куршуми во соседната куќа.
Меѓу жртвите се и тројца вработени во Програмата за храна на Обединетите нации, кои доставуваат храна и помош на ранливи заедници, кои биле убиени откако РСФ и војската влегле во престрелка во воената база во Кабкабија, на западот од земјата.