ОФФест сепак ќе се одржи – прифатена жалбата на организаторите

22 издание на ОФФест сепак ќе се одржи откако Министерството за култура ја прифатила жалбата и извршила корекција на средствата кои ќе бидат доделени на фестивалот, соопштија организаторите.

Кон средината на февруари од Скопскиот џез фестивал, кои се организатори на ОФФест, информираа дека ќе го откажат овогодишното 22 издание на фестивалот поради тоа што доделените милион денари на Годишниот конкурс од Министерството за култура не овозможуваат ни најмали услови за организирање на овој настан.

„Исправени пред дилемата – дали да опстоиме на веќе донесената и објавена тешка одлука за откажување на фестивалот или да вложиме огромни напори во мошне краток временски рок да подготвиме програма што ќе биде на нивото на досегашната фестивалска традиција, решивме, сепак, да им удоволиме на желбите на нашите поддржувачи и да го одржиме 22. ОФФест“, соопштија од Фестивалот.

Од ОФФест посочуваат дека фестивалот ќе се одржи како што беше првично предвидено, од 7 до 10 јуни, а повеќе детали за програмата најавија за следниот период.