Преку филмска програма насловена „Процеп“, денес во Кинотека ќе бидат претставени 15 кратки филмови од млади филмски работници.
Со почеток во 20 часот, влезот е бесплатен за вечерашната проекција, која, како што велат од Кинотека, е со цел да се прикажат младите филмски уметници кои следат формална уметничка настава, а притоа како дел од наставата создаваат филмски дела во склоп на факултетите, но и надвор од нив како и оние млади автори кои аматерски или полуаматерски создаваат квалитетни филмски дела и се бават со филм.
„Процеп претставува простор во кој ќе може да се претстават млади автори од надоаѓачката генерација и претставува еден пресек на делата кои се создадени од нив. Процеп претставува можност младата, но и пошироката и стручна публика да се запознае со авторите и нивните дела“, истакнуваат организаторите.
Од Кинотека посочуваат дека „Процеп“ сака да ја подигне видливоста на младите филмски автори и да го извади на површина актуелното творештвото на оние кои создаваат и да ја претстави младата алтернативна филмска сцена.
Вечерва ќе бидат претставени 15 филмови од 15 млади автори и тоа:
Марија Перчинковска – „Нур“
Ана Марија Јанковиќ – „Јаболко“
Лука Јованоски – „Едно минутен ден“
Стефани Трпеска – “An Interview With Bounty Hunter Nanny”
Розе Симоновска – „Крапска река“
Александар Несторовски – „Рамка“
Тина Величковиќ – „Прогестерор (Н)“
Леонид Велковски – „Црното платно“
Никола Смилевски – „Звукот на сведоците“
Леона Јариќ – “The Life Of The Board”
Кристијан Костадиновски – „Замолчена“
Иво Велчевски – „М“
Филип Лафазановски – „Под мостот“
Марија Гушкова – „Есотерикос“
Катерина Николовска – “Fixational craze”