Младинскиот образовен форум (МОФ) отвори повик за учество во менторска програма за млади новинари, во рамки на проектот „Ангажирање на младите за подобрување на наративот за лицата под мандатот на УНХЦР“, поддржан од УНХЦР. Менторската програма е предвидена да започне во месец мај и да трае 2 месеци.
Повикот е отворен за 8 млади новинари или студенти по новинарство, 2 ментори – новинари кои ќе работат со учесниците во менторската програма и 6 предавачи кои ќе предаваат во рамки на менторската програма.
„Менторската програма е отворена за млади новинари и студенти по новинарство кои сакаат да ги зајакнат своите капацити и компетенции во областите бегалци, мигранти, лица без државјанство и баратели на азил, како и со начинот на известување и креирање на медиумски содржини за овие лица. Менторската програма е замислена да започне со одржување на дводневен тренинг. На тренингот младите новинари ќе имаат шанса да присуствуваат на различни работилници одржани од искусни новинари кои ќе им помогнат при градењето вештини за известување и за креирање на медиумски продукти поврзани со бегалци, баратели на азил и лица без државјанство. Дополнително на тренингот младите новинари ќе стекнат и знаења во однос на правната рамка која го регулира правниот статус на овие лица како и добивање на поддршка од психолози за заштита на менталното здравје при покривање на теми поврзани ранливи категории лица“, се посочува во повикот.
По завршување на тренингот на учесниците ќе им биде доделен ментор со кој заеднички во рок од 2 месеци ќе треба да изработат медиумски продукт, а за учесниците во менторската програма е предвидена еднократна стипендија која има за цел да им помогне на учесниците во креирањето на медиумскиот продукт, се додава во повикот.
Во меѓувреме, од МОФ велат дека предавачите во менторската програма е предвидено да одржат предавање/работилница во рамки на дводневниот тренинг кое ќе има за цел да ги зајакне компетенциите и вештините на младите новинари во процесот на создавање медиумски продукти кои се однесуваат на бегалците, барателите на азил и лицата без државјанство.
„Дополнително, предвидено е двајца од предавачите да бидат психолози коишто ќе одржат психолошка работилница со младите новинари со цел заштита на менталното здравје при известување за лица од ранливи категории. Специфичното предавање на секој предавач ќе биде договорено во координација со МОФ и УНХЦР“, се додава во повикот.
Предност ќе се даде на оние новинари кои имаат долгогодишно искуство во креирање на медиумски продукти за овие лица, а особена предност ќе биде дадена на оние новинари коишто ја имаат добиено Наградата за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство која што ја доделуваат УНХЦР, МЗМП и ЗНМ.
„Менторите во рамки на менторската програма ќе имаат за задача индивидуално да менторираат четири млади новинари/студенти по новинарство и ќе им помогнат во обмислување, креирање и финализирање на медиумскиот продукт. Од менторите се очекува да бидат достапни за физички и онлајн консултации со младите новинари и да ја следат и мониторираат нивната работа“, велат од МОФ.
Условите за пријавување за новинарите се да се на возраст помеѓу 19 и 35 години, да се студенти по новинарство во втора или трета година или на магистерски студии или да се вработени/ангажирани во медиум кој креира содржини во државата.
За пријавување за предавачите, конкретно за новинарите, услови се искуство во креирање на медиумски содржини поврзани со бегалци, баратели на азил и лица без државјанство и искуство со одржување на едукативни работилници, додека за психолозите – искуство во одржување на работилници за поддршка и заштита на менталното здравје при работа со ранливи категории на лица.
Во меѓувреме, условите за менторите се тие да имаат искуство во креирање на медиумски содржини поврзани со бегалци, баратели на азил и лица без државјанство и искуство во менторирање млади новинари.
Заинтересираните за учество во менторската програма може да се пријават најдоцна до 24 април на следниве линкови Пријава за студенти по новинарство/млади новинари; Пријава за ментори – новинари; Пријава за предавачи.