„Работниците немаат резервен живот“ – ССМ и СГИП со отворено писмо до пратениците

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија (СГИП) преку отворено писмо до пратениците во македонското Собрание побараа тие да ги отфрлат предложените измени на Законот за работните односи со кој се предвидува да се отстрани ограничувањето за прекувремено време на работниците кои работат на проект од национален и стратегиски интерес, како што ќе биде изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10д.

Од синдикатите потсетуваат дека минатата година Уставниот суд веќе ја укинал одредбата за работно време од 60 часа неделно за изградба на Коридорот 8 како неуставна и незаконска и додаваат дека не смее да се дозволи некој да си игра со животот и здравјето на работниците.

Нивното отворено писмо во продолжение ви го пренесуваме во целост:

„Во името на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија (СГИП), Ви се обраќаме со ова Барање со цел да Ви укажеме дека ССМ заедно со СГИП иако единствени репрезентативни синдикати и национални социјални партнери не биле консултирани ниту при носењето на основниот Закон, Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 163/2021), иако тоа е обврска согласно Конвенцијата на МОТ за трудови клаузули (јавни договори), а обврска е и на Владата пред да прави било што, да ги консултира репрезентативните претставници на работниците и работодавачите, а ССМ ниту пак СГИП не се консултирани ниту запознаени од предлагачите со новите предлози за измени и дополнување на Законот за работните односи поднесени од 14 пратеници  во Собранието по скратена постапка, иако повеќе од 5 години се преговара за нов ЗРО и во ниту еден момент во текот на тие преговори овие предлози не биле разгледувани, а ова дополнително ни укажува дека целокупниот процес на преговарање е паушален и не се води на искрени и коректни основи, туку воопшто не се почитуваат ставовите на вклучените синдикати, граѓанскиот сектор и научната и стручната фела во државата се со една цел, да се удоволи на еден странски конзорциум на штета не само на работниците туку на целата Држава.

Ве потсетуваме дека минатата година ССМ заедно со Синдикатот за градежништво – СГИП покренаа иницијатива во врска со одредбата за работно време од 60 часа неделно за изградбата на Коридорот 8, која одредба како неуставна и незаконита беше укината од страна на Уставниот суд со У.бр 148/2021-1 и У.бр.15/2022-1 односно се укина член 12 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 163/2021) и која Ви ја доставуваме во прилог на ова барање доколку не сте ја погледнале.

Со оглед на фактот што Одлуките на Уставниот суд не се коментираат, како што е случајот со Одлуката на Уставниот суд со која СЕ УКИНУВААТ член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија објавена во Сл.Весник бр.65 од 23.03.2023 година , а пратениците се најповикани да ги почитуваат, крајно некоректно кон работниците е одредена група на пратеници знаејќи за Одлуките на Уставниот суд У.бр 148/2021-1 и У.бр.15/2022-1 , со цел да се изигра ставот на Уставниот суд, предлага уредување на ваква одредба во Законот за работните односи, не водејќи сметка за Уставот, Законите, Колективните договори, Одлуките на Уставниот суд, меѓународните трудови стандарди, Конвенцијата за работното време, европските директиви и други меѓународни документи и директно го погазува пристојното работно време и пристојната работа како една од најголемите цивилизациски придобивки.

Истовремено, ја користиме приликата да Ве потсетиме дека Уставниот суд со Решение  У. бр. 4/2022 не повел постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/2021) по однос на иницијативата на Стопанската комора на Северна Македонија и констатирал дека со Законот за работните односи, се пропишува поволно законско решение од битно влијание врз материјалната и социјалната положба во остварувањето на правата на работниците, како во однос на остварувањето на неработен ден во неделата и примање на надоместок на плата за работа во недела и на празници, со што се заштитуваат и промовираат правата и интересите на работниците, како од аспект на одмор во неработен ден, така и за надоместок на плата за работа во недела и празници, па сакајќи да се удоволи на еден работодавач за бизнис интереси наспроти животот и здравјето на работниците за синдикатите нелогично, нечовечно и крајно непринципиелно и спротивно на интересите на работниците, наспроти барањата на странските работодавачи и конзорциум.

Сакаме да Ве потсетиме дека 1 мај се одбележува токму во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 г. во Чикаго кој  бил организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден, па со Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи по скратена постапка, мала група на пратеници прави обид фундаменталното право на пристојно работно време и пристојна работа кое е изборено во 1886 година да го погази и Македонија и македонските работници да ги врати 137 години назад!

Истовремено, ја користиме приликата да Ви укажеме дека работниците кои воедно се и Вашите гласачи, не Ви дале мандат и не ве избрале за народни пратеници за да се ставате во сервилна улога и да удоволувате на странски конзорциуми и бизнис интереси на штета на животите и здравјето на работниците од чија пот ја земате пратеничката плата сега зголемена за 78%, туку да се ставите во заштита на работниците и граѓаните и да не дозволите ничиј друг интерес пред нивното здравје, живот и егзистенција, зошто без работници, нема гласачи, а без гласачи нема ниту пратеници!

Во името на солидарноста и човечноста пред се, бараме од Вас веднаш да го отфрлите ваквиот нечовечки Предлог поради тоа што работниците немаат резервен живот, немаат резервна татковина, ниту имаат уставна можност да се откажат од правото на дневен, неделен и годишен одмор поради тоа што ова е темелно уставно право кое работниците мораат да го уживаат.

Не смееме да дозволиме некој да си игра со животот и здравјето на работниците, па од тука и ССМ и Синдикатот за градежништво – СГИП ќе ги искористат сите механизми кои им се на располагање за зачувување на овој столб на работничките права, а тоа е пристојното работно време да важи за македонските работниците исто како што важи за Европските работници.

Не се работи само за работниците, за државата во целост се работи“, стои во отвореното писмо на ССМ и СГИП до пратениците.