„Добредојдовте на вашиот портрет. Односот што го имаме со себеси се одразува со односот кон надворешната средина и обратно, односот кој го имаме со животната средина е односот кој го имаме со себеси. Дури и нашето човечко тело, како дом, како животна средина на нашата душа, е во постојан однос со надворешната средина, во поширока економска, социјална и еколошка смисла“.
Уметникот Милко Несторовски, овој пат во улога на куратор, вчера со овие зборови ја отвори изложбата „Портретот на публиката“ на уметницата Дафина Шекутковска во Културно информативниот центар (КИЦ) – Скопје.
Се работи за мултимедијална изложба, пропратена со перформансот „Луѓе од бетон“, соработка меѓу Шекутковска и „Културно ехо“.
Како што објасни уметницата, перформансот е слика за новиот ГУП на Скопје, со цел да се зголеми учеството и ангажирањето на граѓаните во овој процес, за притоа ГУП-от да подлежи на хумани и еколошки начела.
„Дали сме ние направени од бетон? Или сме дел од природата и ни се потребни паркови, еколошка и хумана седина за да функционираме? Ако не реагираме пред неправди го тренираме нашиот карактер да биде пасивен во нивно присуство и така на крајот ја губиме целата способност да се браниме себеси и оние кои ги сакаме. За пример, во новиот детален урбанистички план за Тафталиџе, се оставени само 16% за зеленило, а зграда никнува дури и на местото на објектот ‘Домче’ кој е во процедура да стане културно наследство. А во новиот детелен урбанистички план за Лисиче има затворање на постоечки улици, како и нови улици кои минуваат низ домови“, посочи Шекутковска.
Преку нејзината изложба, пак, во поширока смисла дава свој осврт на човештвото, како тоа ја употребува науката и уметноста за функционирање и прогрес на Земјата. Со својата ликовна уметност предлага решенија преку утврдени законитости и методи на физиката и математиката кои ги објаснуваат феномените на универзумот.
„Ја доживуваме иднината, која треба да дојде побрзо, со делата за обновливите извори на енергија ‘Ветер’, ‘Сонце’ и ‘Вода’, бидејќи нафтата, јагленот и природниот гас, според пресметките ќе се потрошат за 50 години, и ни го скратуваат и одземаат животот“, вели кураторот на изложбата.
Уметницата го продлабочува својот интерес за хуманоста, како нужност за човековото опстојување и воопшто на целиот еко-систем. Притоа, недвосмислено упатува и на кочничарите – човечки карактеристики како апатија, себичност, алчност, уништување на ресурси и сл.
Во сите овие уметнички пориви, Шекутковска прави спојка меѓу науката и уметноста.
„Во потрагата по вистината, како и убавината, како што велат Математиката е највисоката форма на поезија. Науката и уметноста ги носат најголемите промени во светот, иако од науката промените се брзи, а од уметноста поспори“, вели уметницата.
На изложбата има и дактилни дела, изгравирани со Брајово писмо, за да ги почувствуваат децата со оштетен вид. Со нив, Шекутковска ја потенцира грижата еден за друг како клуч на самиот опстанок.
„Познатиот антрополог Маргрет Меад велела дека првиот доказ за еволуцијата на луѓето не е користењето алат, дека помошта на луѓето низ тешкотии е местото каде почнува цивилизацијата“, нагласува таа.
Поставката што ќе биде изложена до 24 април, меѓу другото претставува и еден вид сублимат од изминатата работа. Па така, во галеријата на КИЦ беше презентиран и муралот кој Шекутковска заедно со Аница Китаноска и Милко Нестороски го правеа кај основното училиште „Страшо Пинџур“ во Вевчани.
Делото се вика „Мурал против развојот на војни“.
Преку него, бидејќи науката со создала оружјето, Шекутковска прашува дали научната заедница треба да има и одговорност? Исто така, дали и оние кои имаат влијание на луѓето од уметничката заедница треба да земат поголема одговорност кон настаните… како што во минатото правеле познати уметници како Eдверд Минк, Пикасо и др.
„Ајнштајн бил толку разочаран од атомската бомба и чувствувал вина поради употребата на дел од неговата наука, што по фрлањето на бомбата оди да ги посети децата во болниците во Јапонија. Потоа заедно со Бертранд Расел го прават Манифестот против употребата на нуклеарно оружје потпишан од многу светски лидери на првата Пугваш конференција. Во меѓувреме Марија Кири со мобилни радиолошки единици им правела ренген на повредените за самиот терен. Денес се гледа се повеќе и потребата од научна филозофија и етика во роботика и во вештачка интелигенција, за пример роботите од Бостон Динамикс скоро добија надградба со митралези за да пукаат кога ќе детектираат цел“, посочува Шекутковска.
Бојан Шашевски