Меѓу „здравата“ популација многу често се воделе дебати околку „правилно“ ословување на лицата со попреченост, со хендикеп, инвалидност, посебни потреби, итн… Како и многу чести прашања за секојдневното функционирање на овие лица. Па ајде најпрво да ја расчистиме дилемата – нема соодветен израз, ословувај ме како што сакаш, но цени ми го достоинството и дигнитетот.
И за она другото како функционираат многу нормално. Пијат кафе како и мене и тебе, шетаат, читаат книги, кулираат, денгубат, се досадуваат, но и работат, вредни се, исполнителни…
И станувам едно утро сончево и празнично и ОП, уз првата утринска голтка кафе си помислувам Боже мој… Која убавина пред мене, Скопје на дланка… (Не е фалба дека живеам на падините на В… Чисто затоа си ја одржувам линијата по угорниците.) Ги слушам птиците и со велам штета што овие славејчиња не можат да ги чујат глувите лица, штета што оваа убавина од град кој живее и кога се друго застанува не можат да ја видат слепите лица. Но, подзастанувам и продолжувам, но можат да ја почувствуваат.
И како ме галат сончевите зраци и ветрот ме навраќа на една национална телевизија во МК која веќе не постои пред едно 14тина години и кајрон со дрво… Првата турска серија во Македонија натсинхронизирана на македонски литературен јазик…
Бомбастично најавена, потег за поздравување и од страна на организациите на лицата со слепило… Сега конечно и тие ќе можат сами да ја „читаат” серијата притоа не морајќи баби, тетки и стрини да им ја прераскажуваат. И одма задоволството обострано – глумците имаат некој хонорар плус, реклами до плафон, публика зголемена. На општо добро на сите, вклучително на моите баби и дедо кои се лица со здрав вид, но за жал, дворедниот превод на сериите исчезнува побрзо одошто имаат можност да прочитаат. Топ за сите. Но, пак си велам имам другарка глуво лице, сега истата па не може повеќе да ги следи сериите, нели нема пишан превод. Како па таа утре на работа ќе раскажува за серијата.
Стомаците ќе ни бидат полни на сите бидејќи сега може и да се готви и да се следи серија. Муабетот ми е она што за мене или тебе не е потешкотија и е секојдневие, некому може да е. Во меѓувреме наоѓам некој стар весник чисто да ја свртам шолјата со кафе, може нешто ќе ми претскаже, и ми текнува на едно минато време кога имаше само печатени весници. Истите тие кои не им беа достапни на слепите лица, а денес веќе 2023 година преку електронски весник и слепите конечно читаат дневна штампа. И си велам конечно, во Македонија, луѓето разбраа дека место да оговарам во јавен превоз со комшиката до мене, веројатно можам да земам и да слушнам една аудио книга, бидејќи тоа се книги за сите. Не се книги само за слепи нели?
И тука повторно си велам, да напреднавме, но сигурно не доволно. Затоа што и денес, покрај брзиот развој на интернетот и комуникациските технологии, имаме многу пречки. Моите слепи родители имаат многу пречки. Пример: – не сите веб страници на медиумите, институциите, се прилагодени на говорните програми кои ги користат лицата со слепило и кои програми текстот го претвораат во говор кога веќе имаме и читач на македонски и на албански јазик. Па ова само ми даде една ретроспектива на минатато кога немаше паметни телефони, а еден мобилен оператор нудеше во своите пакети за слепи лица одреден број на бесплатни СМС пораки. Не дека сум многу стар, само имам добро помнење. Апсурд нели… Но, уште колку многу апсурди ќе надминеме?
Навистина, медиумите и сликите кои тие ни ги претставуваат играат мошне значајна улога во животот на сите индивидуи. Но кога станува збор за слепите лица, токму поради намалениот и ограничен број на достапни материјали во нив прилагодена техника, овие секојдневни пријатели навистина можат да балансираат и да ја променат општествената слика за лицата со слепило.
Секојдневно во медумите кога се зборува за рампи се дава акцент на лицата со телесна попреченост, притоа не разбирајќи дека на сите нам здрави лица ни е полесно да движиме по нагорнина, одошто по скалила, дека на родителите со мали деца поготово тие кои се движат во колички им е полесно да ги „возат“ децата одошто да ги качуваат по скали… Ама мене перцепцијата за рампа секогаш ме асоцира на лице со телесна попреченост, исто како што лице со попреченост ме асоцира на сообраќајниот знак лице во количка, па без оглед која попреченост тоа лице ја има.
Ова само ме упатува на спознавањето на себеси и на тебе. Не, не сакам да те опишуваат други, не, напротив, сакам сам да те почувствувам и доживеам. Многу често имаме појави на „проблематично” претставување во јавноста. Многу често карактерите на лицата со попреченост, на пример во филмовите, се претставени како депресивни – што не е точно.
Напротив, обожувам да гледам филмови како „Форест Гамп“ или „Аватар“ – сите тие имаат една убава нишка за попреченоста. Сите тие имаат начин да ми кажат дека и со попреченост се може. Дека грешката е начинот на кој ти и јас гледаме на овие лица. Дека попреченоста е во нашите очи. Дека истата е само прашање на перцепција.
Медиумите имаат толку многу неограничени можности да говорат за лицата со попреченост и да го кренат гласот на овие лица, како и да ја подобрат перцепцијата за истите. Колкумина знаете дека 15 октомври е Светскиот ден на белиот стап – симболот на слепиот човек, колкумина знаете дека 4 јануари е Ден на Брајовото релјефно писмо, колкумина знаете дека Денот на глувите лица во Македонија е во септември или кога е Денот на лицата со Мултиплекс склероза, дека 3 декември е Денот на лицата со попреченост…
Овие лица не се присутни само тој ден. Тие се присутни секој ден, се заљубуваме во нив, тие се наши соседи, љубовници, пријатели, роднини… И се секој ден со нас. Од витално значење е да ги вклучите лицата со попреченост во подготвувањето на некоја идна стратегиска и медиумска кампања или настан. Затоа што ништо за нив, без нив… Затоа што правото на пристапни материјали е основно човеково право.
Мошне често се случува медиумите да сакаат да снимаат некого само заради добра приказна. Како херојот од градските улици… На пример, ако слепо лице се движи сам низ градот. Тука не е ништо чудно… Само способен човек да се ослони на своето сетило за звук, па да знае дали има препрека или не, дали соговорникот стои или седи…
И во ова потрошувачко општество ваквите приказни за себепромоција ги гледам никако поинаку, освен како инспирациско порно за општа популација… Ред солзи, ред смеа, затоплување на срцето, љубезност…
Многу стереотипи за лицата со попреченост потекнуваат само од начинот на кој медиумите ни ги претставуваат овие лица, нормално и позитивни и негативни… Овие првите ќе направат да се промени општествената перцепција, за херојот од градските улици, а овие вторите ќе говорат за жртвата… Па, додека на ТВ има реални шоуа во кои нема ништо што да се види, а знаеме дека овие поднебја си гледаат такви шоуа на сплетки и интриги.
Па, ајде нека го има првото реално шоу со лица со попреченост. Да за не’ научи на секојдневните предизвици со кои се соочуваат, потешкотии, проблеми, но и реални животни ситуации. Јас и ти можеби сами си го планираме времето, но слепото лице мора да се осврне и да го испланира терминот на лекар или фризер, прилагоден на видниот придружник. Биди и ТИ нечии очи… Да, ти, медиумот кој можеш да го промениш овој свет.
За почеток да почнеме од терминологијата и употребата на некои фрази или зборови па понатаму… Сакам да го видам максималниот потенцијал на медиумите. Знам дека тие тоа го можат и верувам… Затоа што тие пријатели се најголемата сила… Ајде заедно да го промениме овој свет!
Пишува: Стерја Димов, член на УРА тимот
*Проектот на УСАИД за медиумска писменост “Младите размислуваат“ е имплементиран од ИРЕКС заедно со Младинскиот образовен форум (МОФ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Оваа колумна е овозможена со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на ИРЕКС и локалниот партнер Младински образовен форум (МОФ), и не ги изразува ставовите на УСАИД или Владата на Соединетите Американски Држави.