Шест книги влегоа во финалниот избор за Меѓународната Букерова награда за 2023 година, кои жири комисијата ги нарече „многу кул и многу секси листа со извонредна разноликост“.
Меѓу финалистите се најдоа „Засолниште во времето“ (Time Shelter) од бугарскиот писател Георги Господинов, „Карпата“ (Boulder) на каталонската писателка Ева Балтазар, „Китот“ (Whale) од јужнокорејскиот писател Чеон Мјон-кван, „Евангелие според Новиот свет“ од француската писателка Марис Конде, „Стоејќи цврсто“ (Standing Heavy) од писателот од Брегот на Слоновата Коска, ГауЗ’ и „Мртвороденче“ (Still Born) од мексиканската писателка Гвадалупе Нетел.
Во книгите се опфатени најразлични теми од миграцијата, колонијализмот и солидарноста до мајчинството и меморијата.
Според писателката Лејла Слимани, претседателката на жири-комисијата која одлучува за овогодишната награда, сите книги кои влегоа во финалниот избор се „храбри, субверзивни и фино перверзни“.
„Има нешто потајно во сите од нив. Исто така сметам дека ова се многу сензуални книги, каде прашањето на телото е важно“, вели таа.
Меѓународната Букерова награда, која се доделува секоја година на роман или збирка кратки раскази преведени на англиски јазик, е една од најпрестижните светски книжевни награди. Писателот на наградената книга, заедно со преведувачот, која го превел делото, делат парична награда од 50.000 фунти.
Победникот ќе биде прогласен на церемонија во Лондон на 23 мај. Минатата година победи книгата „Гроб од песок“ на индиската писателка Гитанџали Шри, што беше прв роман преведен од хинди која ја добил наградата.