Вечерва почнува петтото издание на манифестацијата „Златна рамка“ под наслов „Во наш филм“, во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија.
На манифестацијата во киното „Фросина“ во МКЦ и Кинотеката на С. Македонија ќе бидат прикажани вкупно 13 македонски филмови, снимени минатата година, поделени на документарна, краткометражна и долгометражна програма. По секоја проекција, публиката ќе може да учествува во сесија на прашања и одговори на кои ќе одговараат авторите на филмовите.
„Ова е единствена можност публиката и критиката да ги погледнат сите наши филмови на едно место“, велат организаторите.
Оваа година проекции ќе има за студентите во Студентскиот дом „Гоце Делчев“, на 20 април, за затворениците во Казнено-поправниот дом „Шутка“ на 21 април и за штитениците во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје на 22 април.
Билетите за сите проекции се бесплатни, а програмата на „Златна рамка 2023“ можете да ја погледнете на следниов ЛИНК.