Социјалните медиуми бараат постојано да се менуваме затоа што тие се менуваат од секунда во секунда, од минута во минута. За да не звучиме исплашено мораме да се менуваме, да следиме, тоа не значи да прифаќаме, но да знаеме што се случува. Никој не е повеќе или помалку од другиот, меѓутоа едно правило постои за младите, а тоа е дека можете да ни држите лекции и дигиталната ера за првпат ви го дава тоа право.
Ова го истакна комуникологот Бојан Кордалов на вчерашната панел-дискусија „Менталното здравје на младите и социјалните медиуми“ што се одржа на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
За Кордалов влијанието на социјалните медиуми врз менталното здравје на младите зависи од тоа како младите ќе се однесуваат и ќе ги користат медиумите, при што е важно да се одржува, како што рече, соработката на сите и помеѓу сите чинители во дигиталниот простор.
„Освен да се менуваме, треба доживотно да учиме и да бидеме одговорни за себе. Денеска информацијата може да дојде до вас на различни начини. И понатаму има регулативи низ кои таа поминува, како што имало порано, но преку социјалните медиуми доаѓа многу побрзо и тоа е напад од кој треба да се заштитиме со проверка. Младите да се постават напред, да креирате, да одлучувате, да бидете вие тие кои создавате е нештото коешто ќе може да ги промени работите. Меѓутоа ако не креирате и не се поставите високо во агендата, ништо нема да може да се промени, ниту менталното здравје ќе може да биде адресирано, односно ќе биде адресирано само кога ќе биде проблем, кога ‘ќе пукне работата’. Колку институциите и законите да нè штитат, денеска во ера на дигитализација најмногу зависи од нас самите и мораме да го прифатиме тоа и да работиме сите заедно“, рече комуникологот.
Панелистка на дебатата беше и Ана Фрицханд, раководителка на Институтот за психологија при Факултетот. Таа рече дека паралелно со едуцирањето на младите за опасностите од социјалните мрежи треба да се вложува и чува и нивната емотивна зрелост.
„Вчера прочитав истражување дека правењето селфи е почеста причина за смрт отколку скокање со падобран, ‘банџи џампинг’ и напад од ајкула. Дека селфито може да биде поголем причинител на смрт од овие три е сепак некаков индикатор. Младите генерации не можеме да ги одвоиме од социјалните мрежи бидејќи тие се неспоредливи со сите претходни што ги знаеме. Дури би било и неприродно да ги одвојуваме од тој свет на технологија кој има доста придобивки. Сепак ни треба зрелост, емотивна зрелост. Висока интелигенција, ама ниска емоционална зрелост – тогаш имаме неодговорно користење, користење од сега за сега, тогаш ни се битни само лајковите и тогаш сме неодговорни и незрело се однесуваме. За тоа се во прашање се процеси и тоа бара време“, укажа Фрицханд.
Училишниот психолог Ана Попризова кој е и една од авторките на Водичот за медиумска писменост за родители и старатели насловен „Дигиталниот свет на генерацијата Aлфа“ што наскоро треба да биде објавен, посочи дека денес се потребни повеќе од еден психолог за да одговори на потребите на сите ученици.
„Секој кој ми влегува во канцеларија ги прашувам каде им стои телефонот додека учат и сите без исклучок влеат дека стои до нив. По ова забележуваме сериозен пад на вештините на учениците за постигнување на училиштен успех. Нивното ментално здравје е сериозно загрозено и не еден туку ни треба да имаме по тројца психолози во училиштата за да можат да дадат поддршка. Исто така треба да се дава поддршка на наставниот и стручниот кадар за чување на нивното ментално здравје. Потребите на наставниците и на стручните соработници се многу високи“, забележа Попризова.
На вчерашната дискусија се обрати и претседателот на Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија, Лука Павиќевиќ кој рече дека социјалните медиуми имаат позитивна страна која служи за младите да се договорат и да се организираат полесно, конкретно членовите на Сојузот кои се состануваат од целата држава. Сепак, како што рече тој, освен позитивни, светот на социјалните мрежи има и свои негативни страни кои се одразуваат врз средношколците.
„Во однос на личниот аспект, просечниот средношколец, за жал, поради патријархатот, повеќе просечната средношколка својата телесна сика за себе ја создава на Инстаграм каде што секој ден е бомбардирана со совршени слики од разни луѓе и места. Можеби оваа просечна средношколка разумно е свесна дека тој имиџ е лажен, дека таа слика не е вистинска, но тоа некако се протнува под нејзината кожа и таа сака тоа да го постигне. Понатаму, мошне е важно и како ние како личности пристапуваме кон другите. Во вакви околности се создаваат кругови на пријатели каде што единствена заедничка тема на разговор им е што се случува на социјалните медиуми, на познатите личности, како тие изгледаат, често се префрлува и во озборување не толку на познатите колку на некој од нивната непосредна средина. Луѓе денеска се вљубуваат не поради некое чувство на пеперутки во стомакот туку за да имаат како да го поминат времето“, посочи Павиќевиќ.
Тој додаде дека е многу важна грижата за менталното здравје во кое треба да се инвестира.
„Замислете нам ни се случи ‘Јавна соба’, а ние како општество сме отапени и чекаме нешто друго да се случи за да ни ги реши работите. Многу е важна грижата за менталното здравје. Треба да се инвестира во секое училиште, потребна е обука и зголемување кадарот. За жал психолозите се затрупани со административна работа наместо да им помагаат на корисниците – самите средношколци. Но, од друга страна грижата за менталното здравје од јавната сфера може да биде злоупотребена како изговор за некој што има зли намери. Ние секако треба да се грижиме за самите себе си, меѓутоа врвот на грижата за себе си, пред сè значи грижа за другите“, заклучи средношколскиот лидер.
Ангела Бошкоска