Во сабота (22 април) на Меѓународниот ден на планетата Земја во социјалниот центар „Дуња“ ќе се одржи проекција и дискусија за третата епизода „Планета на оган“ од британската документарна серија „Катастрофа“.
„Во неа се зборува за нарушувањето на климата за време на Пермската екстинкција, едно од петте масовни изумирања на видовите во историјата на Земјата. Позната како ‘Големото умирање’, Пермската екстинкција резултира со изумирање на 90 до 96% од видовите живот на Земјата. Среде огромниот интерес за историјата, многумина ја игнорираат историјата на Земјата и поуките од неа. Пред нашите очи се случува Шестото масовно изумирање на видовите. Во последните 50 години популацијата на диви животни се намали за шокантни 70%. А сепак тоа многумина не ги допира ниту најмалку. Но, човештвото, сите ние, се потпираме на здрави екосистеми за чист воздух и чиста вода, како и за храна“, се истакнува во најавата за настанот.
„22 април е ден на планетата Земја. Ја почитуваме ли планетата, или ја третираме само како супермаркет без касиерка? Разбираме ли дека климата на Земјата е доста кревка, или здраво за готово земаме дека таа не може да се промени, без разлика колку и да сме деструктивни? Но, каква ќе биде Земјата и нашиот живот на неа ако кревката рамнотежа што ја сметаме за непроменлива биде нарушена?“, се прашањата кои се посочуваат во најавата за настанот.
Проекцијата на „Планета на оган“ ќе биде на англиски јазик и ќе започне во 18 часот.