Европскиот парламент усвои закон со кој се забранува увоз на производи во Европската Унија (ЕУ) кои придонесуваат за уништување на шумите.
Со цел да се сузбијат климатските промени и губењето на биолошката разновидност, новата регулатива ги обврзува компаниите да осигураат дека производите што ги продаваат во ЕУ не доведуваат до деградација на шумите, пренесува Ал Џазира Балканс.
Со 552 гласа „за“, 44 „против“ и 43 воздржани, европратениците го одобрија новиот закон со кој се дозволува производите да се продаваат во ЕУ само доколку добавувачот на производи издаде сертификат со кој потврдува дека производот не потекнува од обесшумена земја и не предизвикал уништување на шумите.
„Иако увозот на одредени стоки или од одредена земја нема да биде забранет, на компаниите ќе им биде дозволено да продаваат производи на пазарот на ЕУ само доколку добавувачот на производот издаде ‘сертификат за длабинска анализа’, со кој се потврдува дека производот не потекнува од обесшумена земја“, велат од ЕП.
Компаниите, исто така, ќе мора да потврдат дека стоката е произведена во согласност со законодавството на земјата од каде што доаѓа, вклучувајќи го и почитувањето на човековите права и заштитата на домородните народи.
Европскиот совет сè уште треба официјално да го одобри текстот, кој потоа ќе биде објавен во Службениот весник на ЕУ и ќе стапи на сила 20 дена подоцна.
Компаниите кои ќе го фалсификуваат сертификатот или нема да ги почитуваат правилата на ЕУ може да се соочат со парична казна од четири отсто од нивниот годишен приход
Земјите-членки на ЕУ допрва треба официјално да го усвои законот.