Со стипендии и загарантирана работа се привлекуваат младите да изберат стручно образование

Директорите на училиштата за средно образование периодов се во кампања за привлекување нови ученици. Иако има уште време од првото пријавување за упис (20 јуни), училишните раководства веќе посетуваат основни училишта и ги информираат деветтоодделенците за профилите и насоките кои ги нудат. Праксата покажува дека младите сè повеќе избираат да учат во стручно училиште. Директорите на неколку средни училишта со кои поразговаравме, за Мета.мк велат дека учениците сè повеќе избираат да се оспособат за конкретна струка, бидејќи така доаѓаат полесно до работно место по завршувањето на образованието, пишува Мета.

Горанчо Николовски, директор на АСУЦ „Боро Петрушевски“ информира дека од годинава во ова училиште ќе има нов профил – техничар на возила на алтернативен погон.

„Од 2030 нема да се произведуваат бензинци мотори во Европа, па затоа и потребата од овој кадар ќе биде голема. Ќе запишеме 25 ученици на албански јазик и 25 ученици на македонски наставен јазик. Секој запишан ученик ќе добива месечна стипендија од по 3.500 денари. Имаме преку 30 партнери, „Ван хол“, „Рено“, „Пежо“,„Еуроимпекс“ и други компании, каде што ќе можат да работат, сите имаат загарантирани работни места“, вели директорот Николовски.

Во училиштето „Михајло Пупин“ во прва година годинава има место за 406 ученици во 13 паралелки (338 ученици во 11 паралелки со настава на македонски јазик, 34 ученици во 1 паралелка со настава на албански јазик и 34 ученици во 1 паралелка на турски јазик). Овде ги има смеровите: електротехничар за електроника и телекомуникации, електротехничар–енергетичар, електричар–електромонтер на електроенергетски мрежи, како и најпопуларната – електротехничар за компјутерска техника и автоматика.

„Ние имаме дуално образование веќе пет години по ред. Соработуваме со околу 150 фирми во кои децата одат на пракса и на работа. Тие учат кај работодавачите, односно учениците во четврта година одат на работа шест часа, а учениците во трета година одат да работат четири пати неделно. Во ЕВН паралелката, се нуди загарантирано работно место, со почетна плата од над 20.000 денари“, вели Димитар Ѓоргиев, директор на училиштето.

Во ова училиште, во 2018 година имало 600 деца, а сега овој број е 920, што покажува, според директорот, дека интересот за стручното образование расте.

И Александар Сибиновски, директорот на стручното училиште „Владо Тасевски“ вели дека бројот на ученици за речиси сите насоки е во постојан пораст.

„Тоа е показател дека учениците избираат средно стручно образование и тоа е добар тренд. Генерацијата што сега завршува четврта година, нивниот број е 180, а лани пак, запишавме 270 ученици, што значи дека бројот се зголемил за 90 ученици. Од минатата година имаме нов профил – компјутерска техника и автоматика (две паралелки) и за овде интересот е најголем. Од 34 ученици кои лани ги примивме, 17 се со просек 5,00“, вели Сибиновски, кој кажа дека интерес има и за насоката транспорт и шпедиција, како и за телекомуникации.

Стандардно голем интерес има и за средното медицинско училиште во Скопје, „Д-р Панче Караѓозов“. Директорката Маја Салиу очекува интерес за сите понудени насоки – медицинска сестра, забен техничар, фармацевтски техничар, медицински лабораториско санитарен техничар, физиотеравпевтски техничар, како и гинеколошко-акушерска сестра.

„Тоа што уписите се вршат и со електронска пријава, навистина ни помага, на тој начин поскоро се обработуваат податоците“, вели Салиу за Мета.мк.

Мета.мк вчера објави дека за упис во средно документите ќе се доставуваат и електронски и во оригинал. Вкупно околу 14.000 ученици кои годинава завршуваат деветто одделение, ќе треба да се запишат во средно образование, кое законски е задолжително. Кандидатите ќе треба најпрво да аплицираат електронски, преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука (МОН), со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk. Пред извесно време, Министерството за образование и наука (МОН) го објави конкурсот за упис во средно образование.

Мета