„Најмилозливата работа на светов, мислам, е неспособноста на човечкиот ум да направи корелација на сите нејзини содржини… еден ден поврзувањето на дисоцираното знаење ќе отвори толку страшни видици на реалноста и на нашата застрашувачка позиција, што на крај или ќе полудиме од откровението или ќе избегаме од светлината во мирот и безбедноста на една нова Мрачна ера“.
– Х.П. Лавкрафт
Ако го читате овој текст, тогаш треба да знаете дека ова нема да ве остави мирни. На вашиот разум засекогаш ќе стојат лузни од откровението. Откровение за кое јас ја имав таа несреќа да дознаам, откровение за кое го проколнувам денот кога го направив првиот чекор кон откривањето на забранетото овошје на лудилото. Ако не сакате да читате подалеку од првата реченица, ќе ве разберам, бидејќи и јас би сакал да се вратам во онаа состојба за која добро знам дека никогаш повторно нема да ја добијам. Но ако останете со мене, ќе дознаете работи за кои нема воопшто да верувате, а чие откритие ќе ве остави деградирани како мене. Бидејќи на крајот, нема спас, нема утеха и нема триумф во мрачните и студени пространства на Космосот.
Хоророт неизбежно го следи човештвото од самите почетоци на неговото постоење. Преку легенди, митови и народни преданија, до современите медиуми за хорор фикција во неброени филмови, серии, книги, стрипови и игри, сме проследувале како протагонистите се соочуваат со мноштво на натприродни појави. Хорор фикцијата ни дава презентација на ужаси кои не преплашуваат и не ни даваат мир, но исто така доаѓаат и со начини кои ни овозможуваат да се соочиме со она што ни всадува страв, и евентуално да го победиме. Вампирите се претвораат во пепел ако се изложени на сончевата светлина, врколаците не се имуни на сребро, па така за него одговараат остри оружја со сребро, или сребрени куршуми. Ако некој ти фрлил клетва, тогаш подобро е да се обратиме кај локалниот врач за да ја отстраниме истата, а во случај на запоседнување на нечие тело од страна на ѓаволи, најдбрата опција е да побараме помош од свештеници. Иако сме следени од многу стравови и хорори од зачетоците на нашето постоење, секогаш сме наоѓале начин како, после првиот контакт со стравот и хоророт, да останеме сосредоточени, да се поставиме пред предизвикот и да најдеме начин како да го совладаме. Но, што ако се соочиме со нешто што ни е непознато? Што ако хоророт на кој ќе наидеме не е запишан во древни списи и нема никакви информации, дури и да ги прочепкаме сите светски архиви? Или полошо -што ако има, но без чарето. Што ако сме ја преживеале средбата со ужасот, но таа средба оставила катастрофални последици во врска со нашето поимање за човекот и неговото место во Универзумот? Овој опис до некаде го опишува она што денес го знаеме како космички хорор.
Космичкиот хорор е релативно нов правец во хорор фикцијата. Тешко е да се најде дефиниција за тоа што е космички хорор, но во најкратки црти, тоа е страв од непознатото, а за основач, никој нема сомнеж дека заслугата оди кај Хауард Филипс Лавкрафт. Лавкрафт бил роден во 1890 година во Провиденс, град во американската сојузна држава Роуд Ајленд. Пред почетокот на Првата светска војна почнал да се занимава со пишување есеи за Американската асоцијација за аматерско новинарство, искуство кое ќе му донесе запознавање со куп на новинари и писатели и формирање на нивен литературен кружок насловен The Lovecraft Circle. Доброто познанство и пријателство со различни писатели му овозможило да пишува кратки раскази кои ќе се појавуваат во списанието Weird Tales, списание за приказни од областа на чудна фикција, со мотото – фикцијата е почудна од самата фикција. А Лавкрафт најмногу се истакнувал како автор на чудна фикција уште од денот кога Weird Tales го издал неговиот прв краток расказ, Дагон (Dagon). Речиси сите негови раскази постојат во истиот Универзум кој Лавкрафт го креирал, а пред се ни е познат како К’тулу митосот, а истите раскази се воглавно инспирирани од идејата на космицизмот. За да стигнеме до објаснувањата на космицизмот, потребно е да се даде збор, два за антропоцентризмот. Што е последново? Анторпоцентризмот е верувањето дека на човекот му нема рамен. Едноставно, ние сме најдобрите, најпаметните, најпросперитетните. Само луѓето можат да имаат интелигенција, да имаат големо научно и технолошко знаење што ни овозможува да ја покажеме нашата надмоќ врз сите живи форми на Земјата кои не се луѓе, и дека во Космосот нема да се најде ниту едно суштество или цивилизација која би била на исто рамниште, бидејќи и нема теоретски шанси дека има нешто над нас. Но, дали тоа навистина е така? Според Лавкрафт, човештвото нема никаква значајност во Космосот. Космосот е исполнет со нешта и битија кои се премногу моќни, со супериорност далеку поголема од нашата. Тоа би било како некој ден, мравките станат свесни дека луѓето постојат, дека луѓето можат во секој момент да им ги пополнат мравјалниците со вода, да ги прскаат со отровни спрејови, или да ги смачкуваат затоа што им ја јадат храната или ги смачкуваат затоа што така им текнало. И како што мравките се поставени кон луѓето, така и ние, луѓето, сме поставени пред битијата над нас. Бидејќи над нас има нешто што постои надвор од нашето поимање на Универзумот, нешто што не можеме да го разбереме и знаеме, и токму тоа не доведува до состојба на психолошки и ментален крах како логичен крај на секој Лавкрафтов расказ, бидејќи овие откритија значат дека не, ние не сме центар на Универзумот, не почнува и завршува со нас, и дека може да се случи во секој момент да завршиме поплавени со вода во нашиот мравјалник.
Ова е суштината на космицизмот на Лавкрафт и навистина е неверојатно како нешто толку влијателно и во денешно време му се припишува само на една личност. Се верува дека изворот на космицизмот кај Лавкрафт е поради неговиот страв од премногу работи што ги здобил како дете, предизвикувајќи да биде повлечен поради страв од нешта како тмурни села, риби, октоподи, до страв од луѓе кои не се припадници на белата раса, иако пред крајот на својот живот Лавкрафт се покајал и постепено ги менувал ставовите за она што го плаши. Сите дела поврзани со космичкиот хорор на К’тулу митосот се во форма на кратки раскази и препорачливо е расказите да се читаат во нивниот оригинал (досега на македонски јазик е направен превод само на „Кај планините на лудилото“, а таа верзија ја немам читано) поради нивната „заразност“ за читање и пред се поради фактот што Лавкрафт користи различен збор за истиот објект барем најмалку три пати, овозможувајќи свежина во читањето. Најголем предизвик останува описот на натприродните битија, каде често се обидуваме да создадеме слика на секое битие кое Лавкрафт го опишува, што е на крај поентата кај самиот автор. Суштествата за кои сведочиме не можат да се опишат најдобро бидејќи не можеме да направиме конструкција во нашиот ум на нешто што е надвор од нашиот ум и разум. Влијанието на прозата на Лавкрафт се чувстувала како за време на неговата кариера, создавајќи го литературниот кружок и дозволувајќи им на други писатели да користат елементи од неговиот Митос, како кај Роберт Хауард и Хиборијанската ера на Конан варваринот, така и долго после неговата смрт, со модерни хороро фикции видно инспирирани од неговите дела, како The Thing на Џон Карпентер, Alien на Ридли Скот, Dead Space на Viscreal Games, или Southern Reach книжевната трилогија на Џеф ВандерМеер, чиј прв дел е адаптиран како игран филм (Annihilation). Доколку после овој текст се’ уште имате љубопитност за нови содржини поврзани со космичкиот хорор, тогаш имате среќа, бидејќи прозата на Лавкрафт е богата, и во идни текстови ќе бидат опфатени како неговите побитни, така и неговите помалку познати дела, а воедно и ќе нурнеме во причините зошто е тешко да се направи добра адаптација од неговиот материјал и зошто е подобро да се направи сопствена интерпретација на космицизмот. Нормално, доколку се’ уште сакате да јадете од плодот на забранетото знаење.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.