Тим од пет средношколци од скопската гимназија „Орце Николов“, наречен LuftOn, преку UpShift програмата и смислија идеа за намалување на загадувањето и рециклажа – изработка на мастило за принтање од оџачарски саѓи.
Радио МОФ разговараше со средношколецот Лука Кадриќ кој е дел од LuftOn, за тоа како дошле до идејата за преработка на саѓи, процесот на изработка и средношколските компании кои функционираат во „Орце Николов“.
Кадриќ споделува дека идејата за преработка на саѓи се случила додека се подготвувале за UpShift програмата за социјални иновации која се базира на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштита на животната средина. Организатор е невладината организација „LEAD“ – Лидери за едукација, активизам и развој.
„Ние како претставници на нашето училиште настапивме со оваа идеја на UpShift програмата за циклусот воздух, која се одвиваше во периодот од август до декември 2022 година. Таму бевме избрани како еден од петте победнички тимови и на тој начин ја добивме шансата од LEAD да ја реализираме нашата иновација“, истакнува средношколецот.
Тимот LuftOn за нивната идеја се инспирирале додека разгледувале и смислувале различни решенија, притоа наидувајќи на навидум иновативен експеримент на интернет сличен на нивната идеја, но кој според нивна проценка бил нефункционален и сосем лажен.
„Токму од револт кон ова и љубов кон науката решивме да го направиме тој експримент реалност. На тој начин тргнавме од лажен експеримент и го трансформиравме во функционален процес“, вели Кадриќ.
Тој објаснува дека процесот за преработка на саѓа во мастило за печатење е едноставен – најпрво се собираат саѓите од согорување на дрва од оџаците и ги мелат до потребната големина.
„Потоа ситните саѓи ги третираме со соодветни хемиски реагенси, а мастилото го разредуваме со вода за да биде употребливо во инк џет принтер. Сѐ уште сме во фаза на усовршување на процесот и истиот може да претрпи мали измени. Во оваа прилика би сакале да искажеме јавна благодарност до Технолошко-Металуршки Факултет во чии лаборатории работевме и професорот Перица Пауновиќ кои безрезервно ни помогна во реализацијата на хемискиот процес“, нагласува средношколецот.
Кадриќ посочува дека идејата за преработка е комплетно самоодржлива, бидејќи саѓите се лесно достапни, а ги снабдуваат од компании кои се занимаваат со чистење на оџаци.
„Всушност, на овој начин ги користиме едни од најголемите загадувачи на животната средина“, вели тој.
Тимот на LuftOn брои пет средношколци, а Кадриќ нагласува дека секој од нив има посебна улога – двајца се задолжени за истражување и работат на хемискиот дел, додека еден ги раководи финансиите и набавките. Истовремено, преостанатите двајца работат на надворешната комуникација и соработка, и сето ова додека сите членови се стремат кон иста цел.
Зборувајќи за концептот на ученичка компанија и како таа функционира во рамки на „Орце Николов“, Кадриќ истакнува дека тоа е компанија комплетно предводена од ученици.
„Кај нас во училиште има традиција и атмосфера за вакви нешта, но ова е една од поголемите идеи до сега. Ќе функционира така што учениците ќе го спроведуваат целиот процес, од производство на мастило па сѐ до продажба на истото“, вели тој.
На почетокот на април, тимот на LuftOn отпочна ecrowd кампања за собирање на средства од јавноста за да соберат 30.000 денари за да го продолжат процесот и да набават материјали за производство и пакување на мастилото.
„Преку платфрмата за донирање собравме значителна сума на средства кои ќе ни помогнат во усовршување на процесот и отпочнување на ученичката компанија. За жал, рокот за донации е затворен и не може повеќе да се донира. Но, секој граѓанин може да нѐ контактира преку нашето училиште и да искаже поддршка за идејата“, порачува Кадриќ.
Ивана Смилевска