Италијанското Министерство за туризам е предмет на подбивање откако во нивно официјално промотивно видео за привлекување туристи биле искористени снимки од луѓе во Словенија како пијат словенско вино.
Видеоспотот, кој е дел од кампања вредна 9 милиони евра продуцирана од ПР групацијата „Армандо Теста“ беше исмеан од критичарите и на социјалните мрежи дури и пред да се открие дека дел од снимките биле снимени надвор од Италија.
Насловено како „Отворено за чуда“ видеото прикажува дигитална верзија на Венера симболот на италијанската ренесансна уметност насликана во ремек-делото на Сандро Ботичели „Раѓањето на Венера“. „Модерната“ Венера е инфлуенсерка, носи разна облека, јаде пица и ги презентира некои од најпознатите туристички атракции на Италија, како Колосеумот во Рим или катедралите во Фиренца и Милано.
Критичарот на уметност, Томасо Монтанари, ја нарече промотивната кампања „гротескна“ и „навредливо фрлање пари“, додека видеото беше предмет на потсмев од италијанските корисници на социјалните мрежи.
Најспорната снимка прикажува група млади луѓе кои се смеат на сончева тераса додека пијат вино во сцена која е прикажана како типична за Италија. Сепак, луѓето кои внимателно ја анализирале снимката забележале дека терасата всушност се наоѓа во регион во Словенија, во близина на италијанската граница, а шишето вино кое го пијат има етикета на словенечкото вино Чотар.
Италијанската министерка за туризам, Даниела Сантанче, која е член на владејачката крајно десничарска партија „Браќа на Италија“, ги нарече критичарите на видеото „снобови“ и истакна дека прикажувањето на Венера како инфлуенсерка имало цел да ги привлече помладите луѓе.