46 години е просечната возраст на вработените во македонскиот јавен сектор за 2022 година. Во споредба со 2021 година македонската администрација е малку подмладена, но доколку се направи споредба со 2016 година просечната возраст е зголемена за повеќе од половина година. Ова го покажуваат податоците од новиот извештај на Министерството за информатичко општество и администрација.
По институции, највисока просечна возраст имаат вработените во јавните претпријатија (49 години), а најмлади се вработените во секретаријатите во Владата (39 години). Доколку, пак, се погледне по дејности, најмлада просечна возраст има во „други телекомуникациски дејности“ (40,8 години), додека највозрасните се во „земјоделие и шумарство“ (50,2 години).
Повеќе детали за просечната возраст на вработените во јавниот сектор може да најдете на инфографикот во продолжение:
Во јавниот сектор на Северна Македонија минатата година работеле вкупно 129.374 лица, а во извештајот е направена анализа на 110.465 од вработените, бидејќи во него не се вклучуваат деталните податоци за 18.909 лица кои се вработени во безбедносниот сектор (армијата, МВР и разузнувањето).
Даниел Евросимоски