Од Министерството за култура упатуваат реакција откако денес вработените од Филхармонија излегоа на протест пред министерството.
Од Министерството велат дека интензивно се работи на решение кое набргу ќе биде споделено со сите засегнати, посочувајќи дека тоа е ветување од министерката Бисера Костадиновска – Стојчевска искажано на неколкуте средби.
„Веруваме дека на филхармоничарите набргу, кога ќе го слушнат решението, ќе им биде јасно дека со одлуката за привремено останување на џез-музичарите во Филхармонијата до правното регулирање на нивната НУ, никој немал никаква заднинска намера“, велат од Министерството.
Инаку, денес во 12 и 30 часот, пред зградата на Министерството за култура во Дебар Маало, вработените во Филхармонија одржаа музички протест со што го искажаа својот револт кон одлуката членовите на Џез оркестарот да одржуваат проби во просториите на Филхармонија.