Во спомен на 22 работници кои загинале во Македонија минатата година, денеска во паркот „Лисиче“ беше посадено по едно дрво за секој од нив. Традиционално, Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) со ваквата акција го одбележува и Светскиот ден за безбедност и здравје при работа кога се сеќаваат на сите кои загинале на своите работни места, се повредиле и кои професионално заболеле.
Истовремено, здружението го објавува и годишниот извештај во кој се наведува дека минатата година биле повредени и 147 работници.
„Иако официјалните податоци кои ги добивате од официјалните институции говорат дека немаме загинати на работните места, сепак МЗЗПР брои дури 22 загинати на работните места. Ова самото по себе нè става во високоризични земји кои што ако ги споредиме, да кажеме со европските земји каде што просекот е некаде 2.11 починати на 100.000 работници, кај нас, тој број е некаде 3.17. Значи многу поголема шанса да се загине на работното место, многу поголема шанса да се повредиме на работното место, многу поголема шанса професионално да заболиме“, рече претседателот на МЗЗПР Милан Петковски.
Она што го покажува извештајот на здружението е дека, меѓудругото, земјоделството е број 1 убиец во Македонија. Оваа година во споредба со минатата има намалување од околу 20% на смртните случаи на работно место, но повредите на работно место пораснале за околу 9 отсто.
„Сето ова, директно нè чини, директно и индиректно, според формулата на МОТ, во некој процент од околу 4% од БДП-то – 400 милиони евра. Толку нѐ чинат повредите во Македонија, ако некој е доволно богат тоа да си го плати, веројатно и понатаму ќе имаме тренд на несреќи на работа, без анализа, без одговорност, без лично, дури и политичка одговорност, да всушност осмисли како понатаму треба да пристапуваме во создавање на таа превентивна култура на работното место. Но, тоа не го гледам, бидејќи и ден денеска вие сите сте сведоци дека дури и се потпикнуваат спротивно на сите стандарди, спротивно на сите конвенции, работни недели од по 60 работни часа, така да, трендот не ме охрабрува воопшто“, рече Петковски.
Тој објаснува дека од 2008 година ги бележат несреќите на работни места, поттикнати од тоа што институциите не објавуваат извештаи, и посочува дека и понатаму останува трендот на нивно неанализирање и неевидентирање,
„Едноставно стануваме слепи за буквално минското поле кое постои во Македонија, а тоа е работното место. Ова секако нам нè поттикнува барем на овој ден, на овој симболичен начин, оние 22-ца кои загинале на работните места да ги означиме преку садење 22 садници. Tрадиција која ја практикуваме во последните пет години, каде што токму на ова место, ќе забележите дека многу од дрвцата се дури и од нас посадени“, вели Петковски.
Дополнително, претседателот на здружението посочува дека самиот ден – 28 април нема за цел да се слави, туку да се одбележи за она што се случува на тие кои се безгласни, додавајќи дека тоа се генерално работниците кои најчесто гинат на своите работни места.
„Сакаме да пренесеме една порака, бидејќи и МОТ оваа година ја дефинира како безбедност и здравје при работа како основно човеково право, сакаме да посакаме всушност биде основно човеково право на секој кој работи во Македонија, не заради тоа што законот тоа го налага, него затоа што е тоа човечен пристап, без тоа едноставно ја губиме човечноста, без тоа едноставно го сведочиме тоа што и ден денеска го комуницираат многу од политичарите, а тоа е дека се исселува работната сила од Македонија. Да го спречиме трендот, да бидеме свесни и да делуваме проактивно, да создадеме превентивна безбедност на култура на работното место“, порачува Петковски.
Петковски тврди дека државата не анализира ниту една несреќа на работното место, што само по себе ја лоцира одговорноста кај државните институции.
„Доколку ние некого плаќаме тоа да го направи, да ги евидентира, да направи, да изанализира, за да не ги повториме понатаму несреќите, а тие не го прават тоа, јас директно ги наоѓам нив за одговорни, почнувајќи од Министерството за труд и социјална политика кои се креатори на политиките, па сите оние институции кои се задолжени всушност да имаат, да бидат свесни и да комуницираат не лажни вести надвор во меѓународните институции, него едноставно да ја комуницираат вистината, бидејќи само преку вистината ние ќе дојдеме да го поставиме вистинскиот лек. Вистинскиот лек е дека секоја несреќа може да се превенира“, дециден е Петковски.
Инаку, во извештајот на Македонското здружение за заштита при работа се наведува дека најмногу смртни случаи биле регистрирани во Скопје – 4, по што следат Неготино, Струга и Струмица со 3 смртни случаи и Кавадарци со 2 смртни случаи. Најмногу повреди на работно место се евидентирани во Скопје – 39, додека зад главниот град е Битола со 25 повреди и Прилеп со 21 повреда на работно место.
Мартин Колоски