„Границите на нашата земја, господину? На север сме ограничени од Северната Светлина, на исток сме ограничени од изгрејсонцето, на југ сме заградени од процесот на рамнодениците, а на запад од Судниот Ден.“ – Џо Милер, Книга на вицови
За неколку дена ќе започне Скопскиот саем на книгата, па по тој повод имам мала историја за првата книга која ја имам купено на саем. Во 2003 година сите саеми (мебел, ИТ, книга итн) се одржуваа во халите на Скопски Саем.
Стандардниот период за саемот на книгата секогаш беше некаде на средина на месец април. Од три хали, две беа отстапени за саемот на книгата. Споредено со последните саеми (пред рушењето на Сајмиште и продолжувањето во сала Борис Трајковски), тоа е голема разлика, пред сѐ поради тоа што на саемот, покрај домашните, свое учество имаа и издавачи од соседните балкански држави, па имаше многу повеќе штандови со далеку поголем избор, пред сѐ доколку издавачките куќи доаѓаа од Србија. Од сите, најатрактивен
беше штандот на белградска Лагуна која во тој период имаше голем број на книги од областа на фантастиката.
Иако имав мал список на тоа што сакав да купам, се одлучив да ги проверам сите штандови и да видам што имаат да понудат. На крајот повторно свратив на штандот на Лагуна.
Меѓу купот на книги од Тери Прачет, Џорџ Мартин, Артур Кларк и други, стоеше една книга со доминантно зелена корица на која имаше слика од автопат на средината на низина, а молња го допира крајот на патот. Насловот на книгата е Американски богови од британскиот писател Нил Гајман.
Според премисата на задната корица звучеше како трилер доволно интригантен за да ми биде првата книга која ја имам набавено од еден саем на книга, која до денес сѐ уште ми стои во колекција. Иако по краткиот опис звучи како трилер, сепак Американски богови е повеќе од тоа.
Приказната е за Сенка (Shadow), маж кој одлежува казна затвор од неколку години поради неуспешна кражба. При крајот на завршувањето на казната, Сенка дознава дека неговата сопруга Лаура загинала во сообраќајна несреќа. Паднат во тага и длабок очај, Сенка не знае како да продолжи со својот живот кога излегува од затворот, сѐ додека не добие работна понуда од мистериозниот и харизматичен господин Среда, кој бара маж со крупна става за да му биде телохранител. Знаејќи дека нема враќање на стариот начин на живот, Сенка ја прифаќа понудата на господин Среда.
Првите денови од работата не се спектакуларни и влегуваат во стандардната монотонија. Господин Среда има многу пари и тој ги покрива трошоците за престој, јадење, пиење и облека бидејќи заедно патуват низ многу места и градови на САД. Но, еден ден господин Среда ќе му открие една голема и неверојатна тајна на Сенка во мал, морничав музеј на чудата во едно мало американско градче – боговите од сите можни преданија и легенди од сите можни ќошиња на светот не се производ на бабини деветини и разно разни суеверија, туку напротив се вистински и живеат во САД. А Сенка е вработен во еден многу незгоден период, период на тензија помеѓу старите и новите богови, каде бурата полека се приближува за судар за кој не сме свесни.
Американски богови е дел фантазиски роман, дел трилер роман и дел патувачки (road trip) роман. Иако на Сенка му треба време за да ги „свари“ новите информации, тоа не значи дека Сенка и Среда застануваат само на едно место. Напротив, сопатништвото со Среда го води Сенка на многу локации во Америка за да се сретнува и запознава со богови и божици од различни митологии кои не се разликуваат од обичниот народ и Сенка полека ја разбира нивната историја, вистина и нов начин на живот. Иако може да се смета главната улога на Сенка како најслабата точка во романот, тоа е затоа што преку перспективата на Сенка се запознаваме со многу интересни идеи на Нил Гајман околу веројатноста и вистинитоста на старите религии и митологии и нивната положба во денешното време од американска перспектива.
Нил Гајман поаѓа од идејата дека сите богови од сите митологии кои ни се познати (повеќе или помалку) се вистински, но наместо луѓето да бидат создадени од боговите, ситуацијата е обратна. Боговите се создадени од луѓето како резултат на колективното верување на народите во натприродни ентитети и појави. Карактерот, способностите и моќите на секое божество се дефинирани од вербата на соодветниот народ, па затоа доаѓа логично поставеноста на секој пантеон на богови во секоја земја. Колку е поголема вербата, толку е поголема моќта на боговите.
Но, боговите за разлика од она што е прикажано во приказните, не се имуни на времето и промените, па така преку постепено отстранување на слоевите на мистеријата од страна на Сенка, дознаваме дека со емиграција на народите во Америка, старите богови се пренесени со нивните мисли, но тоа го означува крајот на нивната значајност и влијание, бидејќи иако Американски богови е приказна за богови во новиот свет, овој роман е неминовна паралела и за смртниците кои ги донеле во Америка. Луѓето од стариот свет (Европа, Азија, Африка) се привлечени од земјата на новиот свет (Америка) поради различни причини, најмногу поради околности поради кои биле принудени да направат преселба.
И како што луѓето пристигнуваат во една непозната земја со свои соништа и надежи за она што може да го донесе првото стапнување на новото копно, така и боговите кои пристигнуваат со своите верници имаат свои прашања за истото. Резултатот е коментар на фамозниот американски сон – дека со преселбата во Америка можат да се остварат сите соништа на емигрантот за богатство, сопственост на плодна земја и живот на висока нога ослободен од маки, што е далеку од вистината бидејќи на крајот тоа е само сон, што би рекол
комичарот Џорџ Карлин.
Па така, ирските емигранти кои доаѓаат во Америка поради бегство од глад и опресија во нивната татковина се соочени со фактот дека се евтина работна сила и слуги за големи земјопоседници, кинеските емигранти работат на американски железници под лоши услови, африканците берат памук на полиња под жешкото сонце, оковани за да не направат нешто непромислено. Старите богови го следат сличниот пад, па така дознаваме дека словенскиот бог на подземјето Чернобог работи како месар, а станот го дели со неговите сестри, наречниците Зорја, египетските богови Тот и Анубис водат погребално претпријатие, а Локи, нордискиот бог на трикови и измами ги вози богатите со лимузина, секој со свој уникатен начин на живот, секој со свои проблеми, надополнет со новиот конфликт кој следува со новите богови кои се настанати како
резултат на нов, специфичен начин и систем на верба на денешното население, каде центарот на
моќта сега е сместен во медиумите, берзата, интернетот и технологијата.
Затоа за крај, доколку патот некогаш ве одведе во САД, и доколку во вашето патување имате почести среќавања со невпечатливи луѓе, покажете љубезност, учтивост и добро однесување, макар и да е лице кое заработува пари од светкање на чевли на плоштад, бидејќи тоа лице би можело да биде бог од старите верувања, и исходот од тој однос може да ви донесе нивен благослов или клетва.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.