Утре (3 мај) на Градежниот факултет при УКИМ ќе се одржи осмото издание на младинскиот настан „Станица студентска“ од 12:00 до 17:00 часот – целодневен настан предвиден за студенти и млади.
Во рамки на програмата предвидени се предавања на актуелни теми како: вештачка интелигенција, започнување на свој бизнис, права при контакт со полиција, како е да се биде млад автор и помирување и градење на мирот во регионот. Дополнително во најавата се наведени и работилници за цртање на платнени торби, одржување на велосипеди и истражување на пештерите низ земјава.
„Станува збор за настан кој има за цел промовирање на активностите на и за студентите, студентските организации и студентските иницијативи, како и унапредување на младинското здружување и организирање. Истиот претставува можност за студентите да ги споделат своите знаења со своите колеги и да го зголемат своето познавање во различни области од нивен интерес. Дополнително, студентите ќе можат директно да се запознаат со работата на студентските, младинските и организациите за млади и начините како би можеле да им се приклучат“, се вели во најавата од Младинскиот образовен форум (МОФ).
Во продолжение целата агенда на настанот:
Предавања
Прв дел 12:00 – 13:00
Перон 1: Првите чекори за отпочнување на глобален стартап од Македонија – Игор Маџов, Претседател на Стартап Македонија и ко-основач на Nest-Group
Перон 2: Потенцијали и ризици на вештачката интелигенција и Chat GPT – Проф. Ѓорѓи Маџаров, Професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ)
Пауза 13:00 – 13:30
Втор дел 13:30 – 14:30
Перон 1: Градење на мир и помирување: Од Украина до Балканот – Проф. Ана Чупеска, Професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“
Перон 2: Писателствувањето како процес и бидувањето писател во Македонија – Јован Илиески, писател и психолог
Пауза 14:30 – 15:00
Трет дел 15:00 – 16:00
Перон 1: Права и должности на млади при контакт со полиција – Јанаки Митровски, адвокат
Перон 2: Спелеологијата и пештерите во Македонија – можност и предизвик за млади истражувачи од различни области – Александар Стојаноски, апсолвент на Институт за географија при ПМФ, спелеолог
Работилници
15:00 – 17:00
Перон 3: Велосипедска работилница на отворено – Педала
12:00 – 14:00
Перон 4: Работилница за цртање на платнени торби – Ана Трајковска, визуелна уметница
12:00 – 17:00
Перон 5: Саем на организации
15:00 – 17:00
Перон 6: Chill zone со DJ set
Настанот го организираат МОФ и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), со поддршка од Универзитетското студентско собрание при УКИМ.