[Фото] Ученици од пет скопски гимназии со музика и танц го отворија „Средноленд“

Женски бендови со придружни инструменти, соло музичари и ученички со танцувачки нумери денес го отворија повеќедневниот средношколски настан – „Средноленд“.

Ученици од скопските гимназии „Никола Карев“, „Георги Димитров“, „Орце Николов“,  „Јосип Броз Тито“ и  „Раде Јовчевски – Корчагин“ од денес до 6 мај ќе се претстават со богата културно-уметничка програма на неколку локации во градот – Плоштад Македонија, КИЦ, МКЦ и Градски парк – Школка.

Денес на отворањето на Плоштад Македонија со хип-хоп кореографии се претстави група составена од ученички од сите пет училишта. Потоа на синтисајзер класични нумери свиреа ученици од Корчагин, а паралелно кај споменикот на Цар Самуил настапи бендот од „Јосип Броз Тито“.

 

 

 

Професорот Миле Наумовски кој предава Музичка уметност во Корчагин и во „Орце Николов“ е ментор на десетина ученици од секоја од гимназиите кои учествуваат во програмата на „Средноленд“. Тој за Радио МОФ изјави дека идејата на овој настан е да се поттикне креативноста кај младите и кај сите средни училишта.

„Секогаш кога има ваков вид на вон-наставни активности во училиштата поттикот и мотивот на децата се големи. Ова е начин да избегаме од училницата, од предавањата и да се претставиме во малку поразлично светло. Освен во музичка уметност, децата во рамки на ‘Средноленд’ се претставуваат и во ликовна уметност, има изложби, драма, краткометражни филмови, а на 6 мај на  ‘Школка’ ќе има и стендап комедија, па опфатени се повеќе уметности“, изјави професорот и додаде дека ова е поттик и за идните генерации да го продолжат настанот.

Со него се согласи и ученичка во трета година во гимназијата „Георги Димитров“ која рече дека кога им соопштиле во училиште кај учениците се пројавил голем интерес за учество.

„Јас имам играно хип-хоп единаесет години ама се откажав. Кога дојде соопштението во училиште за тоа дали сакаме да се пријавиме да учествуваме на настанот, ни кажаа дека ќе се соберат од нигде никаде на сред плоштад – повеќе деца и сите да играме, па ми беше интересно и решив да се вратам со другарките што ги имам и да се приклучам повторно. Воопшто не ни беше тешко, научивме за два дена и е многу убаво искуство. Според мене треба да се организираат почесто вакви настани бидејќи е убаво сите да се собереме на исто место и да има повеќе интеракција меѓу сите нас, вака се создаваат пријателства. Мислам дека ова што се вклучивме ние пет училишта ќе им даде идеја и другите да се вклучат во ваков настан понатаму“, поентираше ученичката.

Настанот е во организација на ЈУ Универзална сала.

@radiomof СРЕДНОЛЕНД 📚 🎈Денеска на плоштадот Македонија ученици од пет средни училишта во Скопје со изведби на музички и танцувачки нумери ја отворија четиридневната културно-уметничка програма на настанот ,,Средноленд”. Во организација на ЈУ Универзална сала, а иницирано од професори и ученици од гимназиите ,,Никола Карев“, „Георги Димитров“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“ и „Раде Јовчевски – Корчагин”, ,,Средноленд” ќе се одржува до 6 мај. #fy #fyp #radiomof #highschool #средношколец #скопје🇲🇰 ♬ original sound – Радио МОФ

Ангела Бошкоска