Телескопот „Џејмс Веб“ детектираше водена пареа околу карпеста егзопланета што орбитира околу ѕвезда лоцирана на 26 светлосни години оддалеченост од Земјата.
Астрономите, јавува „Си-Ен-Ен“, се обидуваат да откријат дали оваа водена пареа е индикатор за тоа што може да претставува прв пример за атмосферска обвивка околу карпеста егзопланета.
Малите, студени, џуџести ѕвезди се најчестите ѕвезди во универзумот. Егзопланетите кои се откриени во „вселивата зона“ – на совршено растојание од ѕвезда што ѝ овозможува на планетата да биде доволно топла за да има топла вода на нејзината површина – често орбитираат блиску до црвените џуџести ѕвезди бидејќи тие не се толку топли како сонцето.
Водена пареа досега била забележана околу гасовити егзопланети, а научниците сѐ уште немаат пронајдено атмосферска обвивка околу карпеста егзопланета. Ако успеат, тоа ќе биде значаен настан бидејќи тоа ќе ги направи слични на планетите од нашиот Сончев систем, како Марс и Земја кои исто така се сметаат за карпести.
„Водената пареа во атмосферата на жешка карпеста планета ќе претставува големо откритие за науката за егзопланетите. Сепак, ние мора да бидеме внимателни и да се увериме дека ѕвездата не е виновникот за тоа“, изјавил Кевин Стивенсон, коавтор на студија што содржи детали за опсервација на егзопланетата „ГЈ 486 б“.
Астрономите не се потпираат целосно на нивните наоди затоа што е возможно водената пареа да е поврзана со самата ѕвезда, а не со егзопланетата.
„Гледаме сигнал и тој речиси сигурно се должи на водата. Но, ние сѐ уште не можеме да кажеме дали водата е дел од атмосферата околу егзопланетата што би значело дека планетата си има своја обвивка или дека гледаме воден потпис што доаѓа од ѕвездата“, водечката авторка на студијата, Сара Моран.
Се очекува дополнителни детали за изворот на водена пареа да се откријат со идните набљудувања на егзопланетата при што ќе се користат различни инструменти на „Веб“.