Обединетите нации (ОН) објавија дека главната награда за слобода на печатот им била доделена на три затворени ирански новинарки за, како што наведуваат, „нивната посветеност на вистината и одговорноста“, пренесува Ал Џазира Балканс.
Меѓу наградуваните новинарки се Нилуфар Хамеди која ја објави веста дека 22-годишната Махша Амини починала во септември минатата година, откако беше приведена од полицијата за морал, како и Елахе Мохамади која пишуваше за погребот на Амини.
Третата наградена новинарка е Наргес Мохамади која има неколкугодишно новинарско искуство и е една од најистакнатите активистки во Иран.
Иранското правосудство во април објави дека Нилуфар Хамеди и Елахе Мохамади, двете новинарки кои ја објавија веста за смртта на Махша Амини се обвинети за наводна соработка со САД, дејствување против националната безбедност и пропаганда против системот.
Светската награда за слобода на печатот на УНЕСКО е именувана по Гилермо Кано, колумбиски новинар кој беше убиен пред канцелариите на неговиот весник „Еспектадор“ во Богота на 17 декември 1986 година.