Под мотото „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“, вчера во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје беше отворен 35. Саем на книгата.
На Саемот годинава учествуваат над 60 издавачки куќи од земјава и странство и ќе трае седум дена.
Според организаторите, оваа година фокусот е насочен кон нагласување на важноста на македонскиот јазик.
„Културното наследство, коешто ни го имаат оставено безвременските легенди во македонската книжевност, – должност ни е да го зачуваме за сите нас, како и за сите идни генерации. (…) Овој Саем мора да остане потсетник и синоним, да се чита со вистинска книга во раце. Не е случајно што мотото на годинешното издание на саемот е токму „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“. Истото е потсетник за најважната премиса во ова модерно темпо на живеење, – да не ја заборавиме најздравата навика на модерниот човек, а тоа е – читањето нови книги,“ изјави Даниела Глигоровска, управителка на Скопски Саем, кои се организатори на Саемот на книга.
Во претстојните денови саемската арена, којашто е трансформирана во „бајка од илјадници книги“, ќе биде центар на многубројни средби со автори, потпишувања на книги, едукативни работилници, трибини…
Од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) велат дека Саемот е посебно важен бидејќи е место каде се обединуваат со читателите и каде можат да го претстават целата програма на која работат преку годината.
„Заедно со организаторот работиме саемот да го направиме уште поквалитетен, со уште подобар избор на книги, со голем избор на настани, – и во промотивниот центар, и на штандовите. Одговорноста е голема бидејќи над 30.000 луѓе ќе бидат тука овој период. Успехот го броиме и преку реакциите на читателите, нивните сугестии, забелешки, критики, пофалби“, посочи Бојан Саздов, Претседател на МАИ.
Саемoт на книга 2023 ќе биде отворен од 10 до 20 часот. На последниот ден, 10 мај, Саемот ќе биде отворен до 18 часот.
„Во пресрет на одбележувањето на 5 мај, Денот на македонскиот јазик, доволно е да се потсетиме дека од седум илјади јазици во светот, половина се исчезнати или се во опасност од исчезнување. Со нив исчезнал и мал универзум на мисли и чувства, но останале книгите, натписите во камен, на хартија, и во други форми. Токму затоа со големо задоволство Ве поздравувам на почетокот на уште едно издание на Меѓународниот Саем на книгата, манифестација која во својата долга традиција, истрајно и во континуитет, укажува на неопходноста на книгата во нашето секојдневие и поширокиот општествен контекст. Поддршката на Саемот на книгата е од голема важност, особено во овој актуелен миг, кога некои податоци покажуваат дека помалку се чита, а ерата на дигиталната технологија ги навикна луѓето подолго време да минуваат пред екраните на паметните телефони, компјутерите и телевизорите“ изјави на отворањето министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
За сите информации во текот книжевниот настан, повеќе информации може да се најдат на интернет страницата на Саемот или на социјалните мрежи на Инстаграм и Фејсбук.
Фотографии: Скопски саем