Повикот за упис во Математичко-информатичката гимназија трае до 31 мај

Државното средно училиште Математичко-информатичка гимназија  – Скопје (ДСУ МИГ) информира дека повикот за запишување во следната учебна година е отворен до 31 мај 2023 година.

„Заинтересираните можат да се пријават на повикот преку писмо до адресата на Министерството за образование и наука или ДСУ МИГ каде ќе остават податоци (име и презиме на ученикот, општина и училиште каде ќе заврши основно образование, име и презиме на родителот, телефонски број и електронска адреса за контакт). Услов за пријавување е ученикот да нема помал општ успех од 4, 5 од петто до деветто одделение и по предметите математика и физика да има оцена 5“, стои во известувањето.

По поднесување на документите за упис во ова училиште се полагаат приемни испити по математика кој ќе биде на 1 јуни и по физика на 5 јуни годинава.

„За учениците кои не се од Скопје обезбедено е сместување во средношколски дом. За учениците кои ќе имаат одличен успех во МИГ, следува стипендија“, велат од Гимназијата.

ДСУ МИГ започна со настава во учебната 2020/21 година. Таму се образуваат талентирани ученици по математика, информатика и физика, во три паралелки. Во две паралелки наставата се одвива на македонски наставен јазик, а во една паралелка се одвива на албански наставен јазик.