МОН отвора мејл-адреси за пријавување насилство во училишта

Министерството за образование и наука отвора и-мејл адреси на кои ќе може да се пријавува насилство во училиштата. Станува збор за адресите: prijavinasilstvo@mon.gov.mk, односно paraqitdhune@mon.gov.mk, кои ќе бидат централно место каде може да се пријавува училишно насилство, за да можат институциите веднаш да реагираат и да спречуваат сериозни ситуации, соопшти министерот за образование Јетон Шаќири.

Овој потег на Министерството доаѓа откако пред два дена во Србија ученик уби осум ученици и чувар во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград.

„Филмски сцени станаа реалност во регионот. Посакувам никогаш и никаде да не се повтори тоа што се случи во нашето соседство. Но, за тоа ќе треба многу повеќе да се поработи, затоа што сериозна е темата со врсничкото насилство. Младите живеат во ново време со многу нови предизвици и мораме да наоѓаме начини како да ги елиминираме факторите и да го скротуваме младинскиот, избувлив дух. Затоа денес и иницираме дијалог со експертската јавност и академската фела, како и со сите други надлежни институции, за да делуваме конкретно и час поскоро“, рече Шаќири кој присуствуваше на ученичкиот натпревар „Образовно рандеву“ во Гостивар, во организација на Младинската асоцијација на средните стручни училишта во Северна Македонија.

Министерот во неговата порака напомена и дека за справување со врсничкото насилство потребна е поддршка од сите општествени чинители.