Со срамежливи насмевки за поддршка, но и по некое стискање на црвеното копче, денеска случајните минувачи во центарот на Скопје ја проследија креативната акција „Стисни за поддршка“ организирана од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Преку креативната акција беше побарано подигнување на свесноста на јавноста и надлежните институции во однос на третманот од страна на полицијата и државата кон луѓето кои рекреативно употребуваат канабис.
Неда Петковска од ХОПС за Радио МОФ изјави дека акцијата се однесува на третманот кој што го добиваат луѓето кои користат дроги од страна на институциите, пред сѐ од полицијата, Јавното обинителство и судовите.
„Употребата на дроги не е кривично дело и во Кривичниот законик, со измените во Кривичниот законик во февруари 2023 година, и експлицитно е наведено во членот 215 дека употребата на дроги за лична употреба не претставува кривично дело и овие луѓе не треба да се гонат“, вели Петковска.
Таа посочува дека овие лица можат да се гонат прекршочно по Законот за јавен ред и мир, со казна од 100 до 250 евра доколку се употребува дрога на јавно место.
„Меѓутоа, праксата покажува дека во Македонија, овие луѓе доживуваат недобар третман кој што не е согласен со законската регулатива, односно често се претресувани од полицијата, често се заплашувани, па и многу често гледаме случаи каде сѐ уште се гонат кривично иако тоа не претставува законска регулатива“, нагласува Петковска.
Таа дополнува дека ваквото разединување на ставовите со праксата во Македонија, всушност на некој начин ги дискриминира и ги виктимизира дел од лицата и спречува тие да пристапат кон институциите за поддршка доколку имаат потреба од лечење од зависности.
„Праксата во другите земји води една похуманизирачка политика кон овие лица, односно им овозможува еднакви можности, третман и пристап до лекување, но и рекреативна употреба“, забележа Петковска.
Со неа, поразговаравме и за ветените, но неостварените дисперзирани Центри за лечење на зависности. И Петковска потврдува дека и во моментов сѐ уште нема исполнето ништо од ветувањата.
„Сѐ уште е главен центарот во Кисела Вода и таму условите се навистина катастрофални. Третманот на луѓето кои го посетуваат Центарот, не е добар, дури и Општина Кисела Вода неколкупати во програми за избор на градоначалник се ветуваше дека тоа ќе им биде главна цел – да го дислоцираат, меѓутоа без никакво решение, туку повеќе како да е некаков проблем што опстојува во општеството и треба да се тргне и да се реши“, вели Петковска.
Дополнително, посочува таа, лицата кои се лечат од зависност се погодени и од кратењето на буџетот со кои се соочи Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ.
„Тие беа погодени од кратењето на буџетот бидејќи се намалени програмите со кои им се обезбедува размена на опрема за стерилна и побезбедна употреба на оние луѓе кои инјектираат дроги. Исто така, имаше еден период минатата година кога лековите за супституциска терапија не беа достапни и овие луѓе беа буквално оставени без терапија можеби две-три недели, така што дефинитивно тие беа погодени и тоа значително“, истакнува Петковска.
Ивана Смилевска/Мартин Колоски