Трагедијата во соседна Србија кога ученик уби неколку соученици во центарот на Белград ги размрда надлежните. Само неколку дена по масовното пукање во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, во македонската јавноста проструија најави за регулирање, па дури и забрана за популарната социјална мрежа за споделувања видеа – ТикТок. Државните институции сè уште немаат заземено консензуален конечен став по ова прашање, и покрај ставовите на официјални лица. Но, под знак прашалник се става и колку една ваква забрана, во 2023 година, може да биде ефективна, а притоа да влијае и на слободата на говорот.
Она што премиерот Димитар Ковачевски уште во февруари го најави како регулација на социјалните мрежи „во иднина“, дојде само неколку месеци подоцна. Откако во февруари, 14-годишно девојче загина од струен удар во скопската населба Илинден снимајќи ТикТок, премиерот Ковачевски најави дека ќе се размислува за регулирање на социјалните мрежи.
Регулацијата, како што посочи тогаш Ковачевски, би се одвивала во согласност со Стратегијата за дигитализација и Стратегијата за медиуми. Тогаш, тој наведе дека не станува збор за некои априори ограничувања, туку за регулирање кое ќе овозможи нивна употреба со цел унапредување на општеството.
Поновата идеја која првично беше предложена деновиве од Либерално-демократската партија се однесува на забрана на апликацијата за споделување видеа. Оттаму истакнаа дека претседателката на партијата, и истовремено пратеничка Моника Зајкова ќе го достави ваквиот предлог до Владата, образложувајќи дека „потребна е забрана на ТикТок и останатите социјални мрежи кои поттикнуваат насилство бидејќи и во нашата земја сведочевме на жртви од користењето на овие мрежи“.
„Забрана и контрола на симнување на игри, содржини и апликации кои експлицитно покажуваат и поттикнуваат насилство. Исто така, преглед и контрола на филмови кои можат особено кај помладите луѓе да поттикнат насилство, манипулативно да бидат употребени во пропагандистички цели со величење на насилството. Најостра контрола на издавањето и поседувањето на огнено оружје, проверка кој се поседува оружје, контрола и забрана малолетни лица да вежбаат во стрелишта и казни за родителите кои ги мотивираат децата да ракуваат со вакви убиствени направи“, стои во предлогот на ЛДП.
Знак прашалник дали евентуална забрана може да биде ефективна
Според претседателот на Центарот за развој на медиуми Дејан Георгиевски во образовниот систем прифатливо е да се воведе некаква контрола врз употребата на електронските уреди, барем во текот на наставата. Од друга страна пак, за тоа што децата и младите ќе користат во слободно време треба да одлучуваат родители, вели Георгиевски.
Тој смета дека одговорноста постои на различни нивоа – образовниот систем, семејството, но, вели дека тоа не би требало да биде работа на државата, затоа што државата, како што додава, е „тапо орудие“ и постои тенденција интервенира „покрај сувото да гори и суровото“.
„Тоа сигурно ќе претставува лош преседан на ex ante цензура, што кај нас е неуставна. И во таа смисла сметам дека таква одлука (за забрана н.з.) ќе биде целосно неприфатлива и погрешна. Кој ни гарантира дека некој друг, поради некоја друга причина, нема утре да побара да се забранат други социјални мрежи или онлајн платформи, да се забрани или да се контролира пристапот до интернет, или до други медиуми. Само затоа што смета дека некои содржини се штетни или неприфатливи. Впрочем, на сите страни на политичкиот спектар, од крајна десница до крајна левица, ставовите и мислењата на останатите најчесто се сметаат за неприфатливи и штетни, па дури и навредливи“, вели Георгиевски за Радио МОФ.
При евентуална забрана, според него, корисниците на ТикТок најверојатно ќе се преселат на други платформи, или ќе се потпрат на постоечките алатки, како виртуелни приватни мрежи (ВПН), за да можат непречено да продолжат со користење на платформата.
Во денешно време, претседателот на Центарот за развој на медиуми објаснува дека е многу тешко една забрана да биде ефективна.
„Покрај таквите алатки за анонимизација и заобиколување на забраните, постојат толку многу платформи и апликации на кои корисниците, добронамерни и злонамерни, можат да се преселат, или да создадат свои сопствени платформи, на кои тие ќе ги поставуваат правилата. Се разбира дека е потребно да се воспостават некои правила, барем за она што се нарекува елементарна пристојност. Македонија, од друга страна, нема скоро никаква моќ за принуда или за влијание, се работи за пазар кој во секоја смисла за глобалните технолошки гиганти е занемарлив и безначаен, и мора да се потпира на пошироките регионални и глобални иницијативи за регулација и да се приклучи кон нив“, дециден е Георгиевски.
Евентуална забрана на одредена социјална мрежа во секој случај ќе влијае врз слободата на говорот, а социјалните мрежи за денешните млади и деца се нивните стрипови, рокенрол, филмови, култура и супкултура, смета Георгиевски.
„Сето спомнато, во одредени историски периоди, било предмет на сомнеж со барања за забрана и ограничувања“, вели тој.
Она што е јасно, како и претходните генерации, и денешните млади нема да се откажат од, како што вели Георгиевски, своите преферирани начини и формати на комуникација, затоа што повозрасните, сметаат дека не го користат тоа на „вистинскиот начин“ или за „вистински цели“.
„Овде секако се работи за слободата на говор и слободата на изразување. Таа, секако не е апсолутна, но при ограничувањето и се приоѓа како на апсолутно право со обврска ограничувањата на слободата на говор и изразување, по разни прифатливи и пропишани основи, да бидат минимални и пропорционални на целта, да се прават во крајна нужда и во екстремни случаи. Не смееме да заборавиме дека без слободата на говор и изразување, демократијата не е возможна. Посветеноста на демократијата бара од сите нас подготвеност да слушнеме или видиме работи и изразување што не ни се допаѓаат, што можеби не навредуваат, па дури и лаги и измислици. Без таквата подготвеност, нашата посветеност на демократијата станува мошне сомнителна“, дециден е Георгиевски.
„Забрани нема многу да помогнат“
Тој посочува дека растел во време кога немало социјални мрежи, и во услови на строго контролирани содржини достапни преку медиумите, за кои вели дека особено се внимавало на квалитетот на содржините. Но, додава дека тоа не значи дека немало несакано, асоцијално однесување или врсничко насилство.
„Денес се` почесто се соочуваме со такви идеи и иницијативи за решавање на проблемите со начинот на кој некои луѓе се однесуваат или се изразуваат е преку одземање на можноста да се однесуваат на тој начин. Сеедно дали се работи за вознемирување, малтретирање, или ширење на некакви форми на неприфатлив говор и изразување. Тоа особено откако стана јасно дека сништата дека интернетот ќе не ослободи сите и ќе води единствено кон конструктивна дебата и демократизација биле само сништа и се далеку од реалноста. Во денешно време, особено кога се работи за однесувањето во онлајн доменот, тоа многу тешко може да се постигне. Знаете, се што може да се употреби за нешто, може да биде и злоупотребено. Дополнително, слободата на изразување го брани правото на секоја индивидуа да изрази и такви ставови или мислења што одат против некаков општествен консензус, токму тоа и е поентата на внесувањето на слободата на изразувањето во релевантните меѓународни документи и гаранциите што тоа ги ужива, или против прифатените или наметнатите идеи за тоа што е прифатливо и ‘како некој треба да се однесува и што треба да зборува’“, објаснува Георгиевски.
Спречувањето на споменатите проблеми, доколку е можно, затоа што изгледа дека се работи за човековата природа, тој вели дека по нужда мора да биде постојан и долгорочен процес што ќе се потпира на системите за воспитување и образование и дома, и на училиште, и на улица, и секаде.
„Никакви забрани за одредени платформи или медиуми, особено во ситуација кога постојат голем број други такви платформи, нема многу да помогнат. Освен ако не појдеме по стапките на Кина и да спроведуваме политики на строго контролиран интернет. За среќа, за тоа немаме ниту моќ, ниту пак особена волја“, посочи Георгиевски.
Според него, не е тешко да се претпостави дека другите социјални мрежи се подеднакво изложени на ризик од слични иницијативи.
„Тие, се разбира, имаат и прифатија одредени обврски и одговорности за примена на системи и решенија со кои ќе предупредат или дури ќе ги спречат најекстремните форми на изразување, како и во заштитата на приватноста. Од друга страна, мора да се спомне дека ТикТок, како популарна социјална мрежа на глобално ниво што не потекнува од Западот (поточно од САД), туку од Кина, денес е подеднакво популарна и како цел за различни ограничувања и напади токму поради тоа што не потекнува од западот, туку од Кина. Колку тоа игра улога во нашата перцепција и колку влијаело врз овие иницијативи за забрана, тешко е да се каже. Сепак, иако Фејсбук не е ‘цвеќе за мирисање’ и, кај нас барем, останува најпопуларна социјална мрежа и за добронамерните и за злонамерните актери, се сомневам дека со толкава леснотија некој ќе предложи негова забрана“, вели Георгиевски.
Претседателот на Центарот за развој на медиуми е дециден дека е речиси невозможно да се спречи одредени содржини да стигнат до некоја публика, и посочува дека е добро да се работи на јакнење на свеста за нивната штетност, и повторува дека клучна е улогата на образовниот систем, но и на семејството, пошироката заедница и општеството во целина.
„Клучна е општествената акција. Како што спомнав, бидејќи се работи (кога говориме за социјалните мрежи) за прашање поврзано со слободата на изразување, улогата на државата и казнената политика мора да биде исклучок и силата на државата да се користи во исклучителни случаи. На нас, како публика, е обврската да реагираме, алармираме, едуцираме, прекоруваме“, дециден е Георгиевски.
Консензуален став уште не е донесен
Од Министерството за образование и наука во повеќе наврати посочија дека размислуваат за ограничување на употребата на социјалните мрежи во училишната средина, бидејќи како што рече министерот Јетон Шаќири, најчесто насилството се поттикнува преку трендови и објави на истите.
Дополнително, во фаза на изработка е и правилник наменет за училиштата за превенирање и за постапување во случај на насилство кој би важел од септември.
Шаќири најави и дека дополнително ќе се зајакнат превентивните програми за борба против булингот, промовирајќи, како што рече, дијалог и ненасилство како клучни елементи во образованието и развој на децата и младите.
Претходно, ресорното министерство отвори и две мејл адреси на кое може да се пријавува насилство. На мејл адресите, за само два дена од отворањето стигнале над 10-тина пораки.
Радио МОФ испрати прашања до самата платформа ТикТок, македонската Влада и Министерството за информатичко општество во однос на најавите за забрана на социјалната мрежа, но до објавувањето на оваа сторија, не добивме одговор.
Она што моментално како информација е достапно во јавноста се само најави и предлози, но не и конечни ставови или одлуки.
Па така, министерот Шаќири посочи дека до Владата ќе предложи итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, кои што во голема мера, како што рече, се потхрануваат од одредени социјални мрежи, како ТикТок.
„Имајќи предвид дека истите не треба да се користат во училишна средина, МОН веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, како тие ризици би се минимизирале, а нивната употреба да се ограничи или целосно
да се оневозможи“, рече Шаќири претходно.
На ова, накратко се надоврза и неговиот сопартиец и министер за економија Крешник Бектеши, кој го сподели статусот на Шаќири и накратко искоментира „Иницијатива која треба да се поддржи! #TikTok OUT во Северна Македонија“.
Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу пак подипломатски се обрати до јавноста. Алиу посочи дека моментално не може да заземе став за забрана на било која социјална платформа, но смета дека тие треба да почнат да се регулираат.
Тој објаснува дека цензурата е регулирана со Уставот, додавајќи дека конечен став околу таква мерка може да следи само по координирана активност со правосудните институции и со останатите образовни и безбедносни институции во државата.
„Оттаму ја поддржуваме иницијативата на МОН за евалуација на ризиците од сите социјални платформи. МИОА има јасен став дека е против секој вид на говор на омраза или насилство, без исклучок, и поддржуваме санкционирање на секој извор на говор на омраза/насилство. Потребно е да направиме дистинкција помеѓу говор на омраза/насилство како и извори на говор на омраза/насилство од една страна и самите платформи за говор преку кои таков говор би се трансимитирал. Оттаму, Министерството ги зема во предвид сите социјални платформи без исклучок. Иако во моментов не заземаме став за забрана на било која социјална платформа, но и како родители, силно сметаме дека социјалните платформи како феномен на цивилизацијата на нашето време треба да почнат да се регулираат“, се вели во соопштението.
Дополнително, тој посочи дека веќе се преземаат подготвителни активности во тој правец за кои јавноста ќе биде информирана.
„Апелираме за зголемување на свесноста за социјалните платформи на наставно образовниот кадар и кај родителите, и огромно внимание. Дополнително, вклучително и до невладиниот сектор, како и останатите државни институции, телевизиски и радио концесионери, да продуцираат содржина со образовно воспитен карактер и да ги пополнуваат празнините на социјалните платформи со добри содржини“, порача Алиу.
Досега, ТикТок е делумно или целосно забранет во 15 земји. Во најголем дел забраната за апликацијата се однесува за телефони во сопственост на државата, како и на јавната администрација. Меѓутоа, во некои земји како Индија и Авганистан апликацијата е целосно забранета за сите корисници.
Мартин Колоски