Матурските тестови не се испечатени, нема да се стаса за полагањето на 27 мај

Се бараат нови датуми за полагање државна матура. Штрајкот за поголеми плати на вработените во Државниот испитен центар, го одложува полагањето на првиот екстерен испит по мајчин јазик, кој согласно календарот за матура, треба да се случи на 27 мај. Како што денеска во изјава за медиумите кажа Емилија Бошковска, претседателката на синдикалната организација и советничка во ДИЦ, неуспешно завршиле преговорите со одговорните во Министерството за финансии, пишува Мета.

Ако го добијат покачувањето кое се движи околу 25 отсто, штрајкувачите велат дека ќе работат деноноќно за да ги реализираат обврските околу матурата за да не им наштетат на матурантите.

„Предлогот на Министерството за финансии е да добиеме покачување од околу 1.000 денари и нивните црвени линии се до тука. Она што е најново, е дека од нашиот државен буџет се резервирани за пренамената која е во тек, односно за платите на функционерите. Значи некои 270 до 300 илјади денари се веќе резервирани за нивните плати, а за нас е понудено по 1.000 денари од човек“, рече Бошковска.

Со оглед на тоа дека договор нема, штрајкот продолжува. Во почетокот штрајкуваа сите 29 вработени, а сега во штрајк се 20 вработени. Ако го добијат покачувањето кое се движи околу 25 отсто, штрајкувачите велат дека ќе работат деноноќно за да ги реализираат обврските околу матурата за да не им наштетат на матурантите.

„Процесот на организација на матурата е сложен и зависи од оценувачи и тестатори, но не може процесот да го организираат само надворешни лица. Не може да се вклучува надворешен кадар затоа што станува збор за материјал кој е сензитивен и таен. Надворешни лица не може да го завршат, треба ние да бидеме. Ние можеме да работиме со дупло работно време, но сме го правеле тоа од ентузијазам. Сме си ја сакале работата. Во овој момент луѓето немаат ентузијазам и ниту чувствуваат дека се одговорни“, вели Бошковска.

Државната матура е услов за упис на факултет. Уписите кај нас се во август, но секое одлагање на роковите за полагање, ќе биде проблем за оние ученици што ќе сакаат да студираат во странство.

Мета