Пресудата за Кежаровски, пресуда за цела новинарска фела

Пресудата за Кежаровски, пресуда за цела новинарска фелаПресудата на основниот суд Скопје 1 да го казни новинарот Томислав Кежаровски, обвинет во случајот „Ликвидација“ на четири ипол години затвор, предизвика бројни реакции во медиумската заедница но и кај граѓаните.

Оваа пресуда, која е поголема и од онаа изречена за првообвинетиот во случајот е пресуда на целата новинарска фела, смета претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис.

Според Чаусидис пресудата го отсликува односот на судската власт кон правото на новинарот да го брани јавниот интерес.

„Да не заборавиме се што направи Кежаровски е тоа што ја откри злоупотребата на институтот заштитен сведок. Аргументите дека тој е приведен, а еве сега гледаме и осуден за кривично дело, а не за новинарски ангажман едноставно не држат, затоа што неговото дело се два новинарски текста. Фактот дека се игнорираат барањата тој да се брани од слобода, фактот што не му е дозволено да ја чека правосилноста на пресудата на слобода е показател на односот и статусот што го имаат новинарите во оваа земја која од денеска се запиша на срамниот список на држави со новинари во затвор“, вели Чаусидис.

Од Македонскиот институт за медиуми велат дека се шокирани од пресудата за колегата Кежаровски.

„Тоа е голем удар врз правото на новинарите да истражуваат и да известуваат за прашања од јавен интерес.Со вакви казни, самоцензурата кај новинарите и понатаму ќе расте, што е на штета на правото на граѓаните преку новинарските извештаи да се информираат за тоа како ни функционираат институциите. Искрено се надеваме дека повисоките судови ќе ја преиначат пресудата и ќе го ослободат новинарот“, реагираат од МИМ.

И Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ денеска изрази длабока загриженост поради пресудата за новинарот Томислав Кежаровски за четири и пол годишна затворска казна.

„Јас сум згрозена од денешната пресуда. Оваа претерано строга осуда е загрижувачки развој и праќа јасна порака за цензура до другите новинари во земјата. Кривичниот прогон на репортери за нивните новинарски активности го прекршува основното човеково право за слободно изразување и обврските на земјата кон ОБСЕ за развој и заштита на слободни медиуми“, вели Мијатовиќ во писмената изјава и потсетува дека Кежаровски е единствениот новинар кој е во притвор во цела Југоисточна Европа.

Судиите Дијана Груевска Илиевска и Ѓоко Ристов на останатите седуммина обвинети во случајот „Ликвидација“, меѓу кои има судии, адвокати и обвинители им изрекоа казна затвор од  една до пет години.

Адвокатот на петообвинетиот Ивица Ефремов кој што е осуден на вкупна казна од 4,5 години затвор за три дела, Андреја Радиновски по изрекувањето на пресудите изјави дека постои дилема дали со овој случај им се судело на поединци или на правниот систем.

„Единствена причина за оваа хајка против новинарот на Нова Македонија, Томислав Кежаровски е поради копањето по докази за смртта на новинарот на Фокус, Никола Младенов“, изјави Раденовски.

Новинарите неколку пати излегуваа на протести пред Кривичниот суд, револтирани од продолжувањето на притворот на новинарот Томислав Кежаровски и бараа да му биде дозволено да се брани од слобода. Продолженото држење во притвор на Кежаровски беше осудено од повеќе меѓународни организации меѓу кои и ОБСЕ, Репортери без граници, Меѓународната федерација на новинари (IFJ) и нејзиниот европски отсек Европската федерација на новинари (EFJ).

Новинарот Кежаровски беше уапсен пред пет месеци во полициската акција „Ликвидација“, за текст кој го објавил пред пет години во два броја на магазинот „Репортер 92“. Полицијата со специјалци го приведе Кежаровски, под сомнение дека оддал информации за сведок, за кој тврди дека бил заштитен, со што го прекршил законот. Од друга страна, тој тврди дека во своите текстови всушност открил дека се работи за лажен сведок во случајот.

На следниот линк може да се прочитаат дел од реакциите на Твитер за пресудата на Кежаровски.

К.О.