Имаме домашни автори кои се талентирани, убаво пишуваат, убави теми одбираат, авангардни се и иновативни.
Вака, издавачот Ненад Стевовиќ од „Или-Или“ ја опишува (по)младата генерација автори активна на македонска книжевна сцена, или поконкретно авторите кои се издадени преку „Или-Или“.
Во саботата (6 мај) на третиот ден од Саемот на книга 2023, по обиколката на бројните штандови се најдов пред оној на „Или-Или“ каде откако малку се „расчисти“ гужвата насобрана околу книгите поразговаравме со него за младите локални автори.
„Во едицијата ‘Проаза’ која брои 223 книги, досега имаме 75 дела од македонски автори коишто постигнуваат убав успех, како афирмирани и преведувани дела“, ни откри тој за издавачката куќа чиј примарен фокус е на издавање прозни книги.
„Сметам дека ние имаме убав филтер и дека издаваме квалитетни дела, инаку многу е лесно да се објави денес книга. Кој сака може да објави, ги има сите алатки за рекламирање на социјалните мрежи така што верувам дека со тој нападен маркетинг и многу лоши книги добиваат незаслужено место. Можеби некои многу поквалитетни книги остануваат понастрана, но тоа е тоа, такво е времето“, додаде издавачот.
Значајно место во поетското катче на македонското издаваштво зазема „Пнв Публикации“ што веќе 13 години издава книги на млади автори. Јулијана Величковска, која стои како издавач на книгите вели дека една од нивните цели при отпочнувањето со процесот на издавање била да ги поддржуваат домашните, а особено младите автори.
„За разлика од пред десетина години, благодарејќи на нашиот труд, како и на трудот на уште неколку издавачки куќи што сериозно и посветено работат на промоцијата на домашната книжевност, читателите на книгите напишани од домашни автори се сѐ побројни и сѐ пољубопитни“, смета Величковска.
Издавачката, која е и самата писателка вели дека фактот што младите писатели високо котираат на конкурсите за книжевните награди, а некои од нив веќе и ги освоиле, е доволен доказ дека возраста на авторите не е правопропорционална со нивниот талент и со нивните вештини за пишување.
Како „Или-Или“ и „Пнв Публикации“ при издавање се труди да ги почитува и запазува основните стандардите на квалитет.
„Филтерот е извесно ниво на квалитет под кое не би требало да се оди, иако станува збор за мала земја, за мал број говорители на јазикот, па со тоа и за релативно мал број квалитетни автори. Доколку ракописот има потенцијал за издавање, работиме со авторот, му сугерираме каде може да го доработи или преработи текстот, интервенираме со корекција и редакција, како и со лектура, внимаваме и на дизајнот и се трудиме како тим, да го извлечеме најдоброто од еден ракопис за тој да остане траен меѓу кориците“, објаснува писателката.
@radiomof Саем на книга 2023 📚 #Читамемакедонскиавтори #fyp #fy #radiomof #саемнакнига #книга #книга ♬ Paradise – TELL YOUR STORY music by Ikson™
Издавачката куќа „Полица“ годинава реиздаде три од делата на Петар Андоновски, македонски писател кој за книгата „Страв од варвари“ во 2020 година ја доби Европската награда за литература.
Издавачката и уредничка во „Полица“, Зорица Теофилова раскажува дека почетоците на издавачката куќа биле со преводни дела. Меѓутоа, додава таа, како што напредувале станале свесни дека треба да започнат и со вклучување на македонски автори во програмата.
„Почнавме со автори кои не биле претходно издавани, меѓутоа имаме и автори кои издале по една-две книги и продолжиле и понатаму да издаваат“, вели издавачката и додава дека благодарение на актуелната генерација писатели повторно оживеал интересот за македонски дела.
„Не треба само да читаме автори кои се од странство кои се преведени туку крајно време беше и нашата литература да фати чекор, па ако не и да оди понапред во тие светски книжевни трендови. Сѐ повеќе се барани и публиката на некој начин доби нови информации, се поттикна интересот кај неа. Увиде дека и ние можеме да имаме квалитетни автори, што се докажа со тоа дека тие автори се наградувани надвор од нашата земја“, посочува Теофилова.
Дека се зголемува интересот се согласува и Љубомир Саздов од издавачкиот центар „ТРИ“ кој вели дека покрај за македонските автори расте и свесноста општо за книгите.
„Во последно време се објавуваат македонски автори од различни жанрови, на пример најскоро имаме објавено поезија од млади македонски поети и поетеси, но тука се и повозрасните писатели кои постојано се читаат. Генерално, пробуваме да издаваме литература што ги опфаќа сите возрасни категории на читатели и писатели“, раскажува Саздов.
Тој објасни дека често се случува да ги контактираат млади автори кои сакаат да издадат своја книга.
„Тоа е претпоставувам бидејќи се препознаваат во писателите коишто се попопуларни и претпоставувам дека пробуваат да си го најдат тука својот пат како писатели. Меѓутоа, ние тука се соочуваме со притисок да ги пронајдеме оние коишто вистински вредат и оние коишто ние сметаме дека е вредно да застанеме како издавачка куќа зад нив. Сепак, општо земено нѐ радува тоа што младите луѓе се насочени кон пишување книги и кон литература општо“, дециден е издавачот.
На годинешното 35. издание на Меѓународниот саем на книгата кое започна на 4 мај учествуваа десетици издавачи со штандови на кои се продаваа разни книги од домашни и странски автори.
Ангела Бошкоска
Фото: Радио МОФ