Високиот комесар на Обединетите нации (ОН) за човекови права Волкер Турк вчера предупреди на „ужасно голем број“ егзекуции оваа година во Иран, во просек повеќе од десет неделно.
Најмалку 209 лица се егзекутирани во Иран од 1 јануари, повеќето од нив за злосторства поврзани со дрога, се вели во соопштението на ОН, во кое се додава дека бројот најверојатно ќе биде поголем.
„Од почетокот на годината, Иран во просек погубува повеќе од десет луѓе неделно, што го прави една од земјите со најголем број егзекуции во светот“, се вели во соопштението на Турк.
„Загрижувачки е што со ова темпо Иран е на истиот пат како минатата година, кога беа егзекутирани 580 луѓе“, додаде тој.
Портпаролка на Високата комисија за човекови права на ОН, Равина Шамдасани на редовната прес-конференција во Женева рече дека доколку овој тренд продолжи, „тоа ќе биде највисока стапка на егзекуции од 2015 година“, кога беа погубени 972 лица.
Само мал број земји сè уште ја применуваат смртната казна.