Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме расказот „Макао“ од Лидија Каранфиловска. Расказот е дел од збирката „Електролит“ (2006).
Објавена од страна на издавачката куќа „Темплум“, „Електролит“ 2006 е збирка со најдобрите раскази од истоимениот конкурс за 2006 година. Збирката содржи 51 расказ од 31 автор и е достапна за бесплатно симнување.
Расказите ги оценувале книжевниците Никола Гелевски, Бранко Прља, Искра Гешоска, Роберт Алаѓозовски и Владимир Јанковски.
Макао
Ники-Сан и Мари-Ноко играат Макао додека смислувам како да убијам една дебела недела. На крај се задоволувам само со лежењето по целата нејзина растеглива должина.
Решавам да ја лежам. Се вгнездувам во најудобниот лежечки објект во станот и отсутно постојам. Пладне е во ек. Маца и Куца се романтизираат со доза на нервоза. Доцно пладне. Доцна есен. Доцни секоја минута по две три секунди на час. Доцнат и нашите животи. Редовно. Како автобусите на ЈСП. Сонцето измолкнато спие зад некој облак, а густа магла се заканува да го обвие градот во таинственост.
– Ајде фрли, вели Ники-Сан. Доста те чекам.
Мари-Ноко фрла. Ники-Сан негодува. Фрла и тој.
Џандар.
– Во што менуваш? – прашува Мари-Ноко.- Во тоа што го немаш – вели Ники-Сан.
– Сѐ имам. Кажи. Во што? – се смее Мари-Ноко.
– Во тоа што го немаш – повторува тој.
– Сѐ си имам. Ајде кажи. Во што? – пак се смее таа.
– Во срце. Срце немаш.
– Имам – се смее таа ликувајќи. Фрла срце.
– Срце немаш. Тука го немаш – нагласувајќи ги драматично зборовите, покажува тој со раката кон левата страна на градите.
– Ха-ха- се смее таа – Ајде, пак си ти.
Ники-Сан фрла друго срце,
– Имам јас, бејби. Не се секирај. Имам и за двајцата.
Еден пласт темнина влегува во дневната соба. Како невешт провалник.
А нашиот стан започнува да личи на замок. Населен од кралеви и кралици.
И никој од нив нема срце.
***
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.