Коалиција Маргини отвора повик за учесници на Летна школа за човекови права на маргинализирани заедници.
Организаторите посочуваат дека школата е отворена за тековни студенти на додипломски и пост-дипломски студии од областа на општествените и хуманистички науки, дипломирани студенти, активисти и професионалци кои работат во областа на човековите права и социјалната правда или се дел од феминистичкото или квир движење.
Заинтересираните треба да испратат кратко мотивационо писмо за учество на Школата, со максимална должина од една страна на електронската пошта koalicijaszpmz@gmail.com, најдоцна до 1 јуни.
„Една од уникатните и иновативните карактеристики на оваа Летна школа е нејзиниот интерсекциски пристап кон човековите права и еднаквоста. Овој пристап препознава дека луѓето често се маргинализирани поради комбинација на фактори, како што се род, сексуалност, класа, раса/етницитет, религија и др. Учесниците ќе имаат можност да ја истражуваат испреплетената природа на опресијата и идентитетите како еден од најдобрите пристапи за развивање на посеопфатни и поефикасни стратегии за застапување за правата на маргинализираните заедници“, велат организаторите.
Тие дополнуваат дека летната школа има за цел да обезбеди:
- Подлабоко разбирање на човековите права на маргинализираните заедници со фокус на сексуалните и здравствените права на ЛГБТИК поединците, луѓето кои користат дроги и маргинализираните жени;
- Продлабочени знаења за интерсекционалната перспектива за човековите права и еднаквоста;
- Вештини за развивање на стратегии за застапување и активизам насочени кон промоција и заштита на човековите права на маргинализираните заедници;
- Можности за вмрежување со експерти, активисти и професори од областа на човековите права и социјалната правда.