Денови на романски филмови во Кинотека

Со проекцијата на филмот „Луѓе од акција“ (Oameni de treaba / Men of Deeds) на 22 мај со почеток од 20 часот во Кинотеката започнуваат Деновите на романскиот филм, манифестација организирана од Романскиот културен институт, Амбасадата на Романија и Кинотеката.

„Луѓе од акција“ е романско-бугарска копродукција од 2022, во времетраење од 105 мин., колор, ДЦП, во режија Паул Негоеску. Автори на сценариото се Раду Романјук и Оана Тудор, кои ќе бидат присутни и публиката по проекцијата ќе има можност да разговара со нив.

„Сторијата на филмот говори за Илие, маж во доцни 30-ти години, кој ужива во лесниот живот на селски полицаец. Неговата пасивност за време на една серија насилни настани, наскоро го претвора во соучесник во убиство. Илие и неговиот нов колега Вали, кој штотуку дипломирал на полициската академија, имаат многу различни мислења за тоа како треба да продолжи истрагата. Во селото се акумулира тензија, што го принудува Илие да донесе конечна одлука, која испаѓа дека е погрешна. Или можеби е во право?“, стои во најавата за филмот.

Филмот ќе биде прикажан на романски јазик, со превод на македонски и англиски јазик, а неговата репризна проекција е закажана за 29 мај (понеделник) од 20 часот.

На Деновите на романски филм ќе бидат прикажани и филмовите „Ти си Чаушеску“ (Pentru mine tu esti Ceausescu / You Are Ceausescu) на Себастијан Михалеску на 23 мај (вторник).

„Интрегалде“ (Întregalde) на Раду Мунтеан ќе биде проектиран на 25 мај (четврток), потоа „Не допирај ме“ (Touch me not) на Адина Пинтилие на 26 мај (петок), исто така „Магнетна резонанца“ (R.M.N.) на Кристијан Мунџиу на 27 мај (сабота) и на 30 мај (вторник).

Сите проекции за филмовите започнуваат во 20 часот.