Панк-составот „Последниот удар“ прво имаше промоција во „Custom pub“, а деновиве го објави новиот албум „Сега и засекогаш“ и на платформи како Јутјуб и Бендкемп.
Се работи за втор албум на скопскиот бенд, откако претходно го извадија дебито „Не сме како вас“ и EP-то „Последен удар“.
„Создаден под влијание на секојдневното опкружување во општеството и личните искуства, во подземна гаража некаде во источната страна на Скопје, внимателно снимен и продуциран кај Дени во Студио 1060 некаде во западната страна на Скопје, поддржан од блиските и верни пријатели и роднини, мотивиран од целата екипа што доаѓа на сите настани каде Последен Удар се појавува… и после сите пандемии, вируси и пречки и проблеми, ‘Сега и засекогаш’ излезе во јавност! Се заблагодаруваме на сите што помогнаа! Се гледаме на бина!“, соопштија од бендот.