Утревечер, почнува четвртото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ во организација на дискографската куќа „ПМГ Џез“ и ќе трае до 20 мај.
Организаторите на фестивалот на денешната прес-конференција ја најавија програмата за трите фестивалски вечери, кои ќе се случуваат на малата сцена во Македонската филхармонија и во Младинскиот културен центар и предвидуваат најквалитетна и најразновидна програма досега и неколку промоции на нови музички изданија.
„Ми се чини дека нашиот фестивал полека почнува да добива облик, па и да стои на сопствени нозе. Четврто издание, најквалитетна и најразновидна понуда досега, атрактивни гости, цврста автентична домашна програма, како директен одраз на работата на нашата дискографска куќа. Фестивалот активно соработува со европската програма МОСТ, локалните културни оператери ‘Аудиокултура’, а се јавуваат и други потенцијални соработници. Полека, но сигурно, обликуваме нешто препознатливо, нашата визија е се појасна и за нас и за публиката. Одиме напред“, истакна Мирко Попов, кооорганизатор на фестивалот.
Фестивалот ќе биде отворен утревечер, во 20 часот на малата сцена во Филхармонија со настап на Дамир Имери Трио (Р.С. Македонија).
„Тромбонистот Имери е тивка легенда на современата македонска музика. Во триото, покрај него, членуваат и Ади Имери и Ратко Даутовски. Истата вечер, на фестивалот ќе настапат Перфорто (Perforto) од Полска, со Ола Ржепка на пијано и Лукаш Марчинијак на електрична гитара. Гостувањето на Перфорто на ‘Крај Вардарот Џез Фестивал’ е поддржано во рамките на европскиот проект ‘МОСТ’ во програмата за размена на фестивали и се реализира во соработката со Катовице ЏезАрт Фестивал од Полска“, соопштуваат од фестивалот.
Во петок на 19 мај, во 19 часот, во лобито на кино Фросина – МКЦ во рамки на „Крај Вардарот Сесии со Аудиокултура“ ќе биде промовирано најновото винил издание на ПМГЏез, компилацијата „Крај Вардарот Џез Vol.2“. Веднаш потоа, од 21 часот во киното Фросина ќе се реализираат два концерти, Филип Букршлиев/Благојче Томевски (Р.С. Македонија), на бас кларинет и гитара и настап на Глигор Кондовски/Владан Дробицки (Р.С. Македонија) на виолина, електроника и тромбон.
„Во сабота, во денсинг салата на МКЦ, во 21 часот ќе настапат „Ларта“ (Р.С. Македонија), проектен состав на тапанарот Дино Милосављевиќ. Фестивалското издание ќе се заокружи со ѕвездите на фестивалот „Чуи“ (Chui) од Хрватска, загрепски квартет, чија визија е спој на џез со современа клупска танцова музика, електроника и рокенрол. Досега имаат издадено 6 студиски албуми. Седум пати се закитија со најпрестижната хрватска музичка награда „Порин“ во различни категории, и четири пати со наградата на независните музичките новинари „Рок&Оф“. Соработуваа со џез оркестарот на Хрватската Радио Телевизија и направија композиција со легендарната дива Јосипа Лисац. Чуи ќе настапи во состав: Тони Старешиниќ (клавијатури и електроника), Војкан Јациќ (саксофон и електроника), Иван Левачиќ (тапани) и Конрад Ловренчиќ (бас)“, соопштуваат организаторите.
За затворањето на фестивалот, по 23 часот предвидена забава со ПМГЏез диџеј сет на Мирко Попов, во лобито на киното Фросина.
„Како организатори, не израдува вибрантноста на домашната сцена. Едноставно немаше можности за концертна презентација на сите аудио остварувања на ПМГЏез. Моравме да направиме избор од четири проекти реализирани изминатата година. Успеавме да го поканиме за настап, во моментот најжешкиот хрватски џез состав ЧУИ, кој само пред некоја недела освоил три ПОРИН награди (имаат вкупно седум). Не израдува понудата на нашиот полски партнер од проектот -програма за размена на фестивали, така што составувањето на музичката програма беше мошне едноставно“, вели Владан Дробицки, коорганизатор на „Крај Вардарот Џез“.
Фестивалот е дел од програмата за размена на фестивали („FEX-Festival Exchange“) на европскиот проект „МОСТ“ за развој на сцената на светска музика на Балканот, и соработува со еден од најрелевантните промотери на музика во земјава – „Аудиокултура“, а поддржан е од Министерство за култура.
Дизајн за визуелните решенија на фестивалот ги направи Виолета Качакова.