Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „ Нагоре“, како дел од неформалниот тековен проект #ЅидНаУметноста, утре (20 мај) во 21 часот ќе ја отворат петтата изложба на дела, насловена „Портали“ од Христина Мазнеска.
Самата изложба е дополнета со кратка видео – инсталација од самата уметничка, со голем фонд на разични скици, цртежи, минијатури, каде што може да се види дека овие „портали“ се неисцрпна тема за инспирација кај оваа уметничка, без разлика на медиумот кој го застапува.
„Човечката желба за осознавање на далечните вселенски простори и светови, кои паралелно егзистираат со нашиот, е стара и конзистентна со нашето досегашно постоење. А несомнено, времето во кое живееме; време на бројни технолошки достигнувања како само да го дополнуваат тој внатрешен, исконски порив. Таквото настојување за истражување на универзумот и паралелните светови со сигурност може да се согледа во циклусот „Портали“ на Христина Мазнеска, составен од дваесетина дела, работени во различен временски период, различна техника и дополнително дигитално обработени. Во нив, примарен акцент е ставен на бојата и нејзиниот сензибилитет, додека пак цртежот, ставен во втор план, со тенденција за негова елиминација. Ваквиот колоритен сензибилитет, предаден низ своевидна игра на аморфни структури, со еден експресионистички – апстракционен приод, Христина алудира на вечноста на материјата и енергијата и непостојаноста на формата. Низ целиот циклус проникнува еден подлабок философско – метафизички набој, кој ја надополнува ликовната естетика. Нејзините дела како да се обременети со дополнителна философска мистика, па дури и теософска идеологија, барајќи претходно проучување и предзнаење од спектаторот, за да може идејата на уметникот дословно да биде предадена“, пишува во освртот кон изложбата историчарот на уметноста Марјан Минов.
Христина Мазнеска е визуелна и мултимедијална уметничка, сликарка, илустраторка и графичка дизајнерка. Родена во Прилеп во 1995 г. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2018 г., во класата на проф. Жанета Вангели на отсекот сликарство со модул графички дизајн. Како добитничка на стипендиите Еразмус+ и CEEPUS за студентска мобилност, во текот на своите студии студира и на Академијата за ликовни уметности во Загреб, Хрватска, како и на Унгарскиот Универзитет за ликовни уметности во Будимпешта, Унгарија. Имала две самостојни изложби во земјава, а била учесничка на повеќе од триесет групни изложби, како и на семинари, ликовни колонии, работилници и уметнички фестивали во Македонија и во странство. Освен што активно се занимава со сликарство и со мултимедијални ликовни практики, работи и како илустраторка и графичка дизајнерка. Досега има илустрирано десетина странски книги за деца. Живее и работи во Скопје.