Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) годинава по 13. пат ќе се одржи од 2-9 јуни во Кинотеката на С. Македонија. Во рамките на ова фестивалско издание е предвидено да бидат прикажани околу 40 филмови, 50 настани, ќе има 18 гости и 24 учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“ (25-26 мај).
Мотото на годинешното издание на ФФФ гласи „Сè е филм, во множина“, и е инспирирано од големиот филмски великан од Францускиот нов бран Жан-Лик Годар (1930-2022) за кого Фестивалот подготвува специјален интерпрограмски фокус.
На фестивалот ќе гостува еден од најголемите европски режисери и сценаристи на денешнината Кшиштоф Зануси од Полска, добитник на „Златен лав“ во Венеција (1984), наградуван во Кан, Локарно, Берлин, Монтреал, Токио. Зануси е еден од 40 основачки членови на Европската филмска академија, предводени од Ингмар Бергман. На фестивалот ќе биде прикажан неговиот најнов филм „Совршен број“ (2022).
На фестивалското отворање ќе му претходи музички перформанс на Филип Букршлиев и Андреа Мирческа, емисари на новиот македонски бран на џез музика. По нивниот перформанс премиерно ќе биде прикажан филмот „Некрстени денови“ на Иво Трајков, кој ќе биде специјален гостин и по проекцијата ќе се одржи Q&A сесија.
Во рамките на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“ една сесија ќе биде посветена на Годар, на настанот во најава на Фестивалот – ФФФ@МСУ минатиот петок – беше прикажан документарниот филм „Годар: Човекот-филм“, а во соработка со Кинотеката за прв пат на голем екран ќе биде прикажан серијалот што режисерот го подготвува и снима 10 години, култниот „(И)стории на филмот“.
Богатата фестивалска програма е организирана во повеќе програмски сегменти: Ревијална програма: филм-философија, две компетитивни програми: Официјална селекција на долгометражни филмови и Официјална селекција на краткометражни филмови, Придружна програма (со Фокус Годар), Едукативна програма и Интернационална конференција „Филозофија и филм“, а Фестивалот работи и на два издавачки проекти – превод на „Вајање во времето“ од Андреј Тарковски и (ре)издание на есеи од Милчо Манчевски со естетичка и филмско теориска проблематика.
Во компетитивната програма во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за Најдобар долгометражен филм ќе бидат шест филмови – „Некрстени денови“ на Иво Трајков, „Кралевите на светот“ на Лаура Мора, „План 75“ на Чие Хајакава, „1976“ на Мануела Мартели, „Последниот снег“ на Амирхосеин Асгари и „Совршен број“ од Кшиштоф Зануси.
Во двојната конкуренција за „Златен був“ за најдобар краткометражен филм, ќе бидат 15 филмови од повеќе земји во светот: САД, Канада, Финска, Јужна Африка, Холандија, Португалија, Костарика, Полска, Унгарија, Швајцарија, Кина и Грција. Пред почетокот на првата вечер од проекциите на краткометражни филмови, а како дел од Фокусот Годар, ревијално ќе биде прикажан неговиот краток филм „Во темнината на времето“.
Жирито за официјалната конкуренција на долгометражни филмови го сочинуваат: д-р Елизабета Шелева (професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ), д-р Луис Мартин Ариас (професор на Универзитетот во Ваљадолид, Шпанија) и д-р Нил Кенеди (професор на Тринити колеџот во Даблин, Ирска). За наградите во официјалната конкуренција на краткометражни филмови ќе одлучува жири во состав: Ивана Мирчевска (интердисциплинарна уметница и истражувачка), Том Докал (филмски критичар, Луксембург) и Ана Јакимска (режисерка и сценаристка).
Во Ревијалната програма: филм-философија реализирана во партнерство со МЕДИА Деск Мк, изворното јадро на концептот на Фестивалот, ќе имаме можност да проследиме неколку настани. Карактеристично во неа е што проекцијата на филмот е проследена со излагање на гостите на ФФФ – универзитетски професори, режисери, филмолози – на тема инспирирана од филмот, а заокружена со отворена дискусија со публиката.
Како традиционални настани што ѝ претходат на главниот дел од програмата во текот на минатиот месец ФФФ ја започна Едукативната програма. Taa e поделена на три сегменти: Средношколска видео лектира, Работилници за млади и Фил(м)ософија со деца. Од почетокот на април, па до крајот на мај има настани од оваа програма низ повеќе локации во Македонија.
Средношколската видео лектира е наменета за учениците од средните училишта (годинава 6 регионални проекции, вклучени 13 училишта од 11 градови, со околу 500 инволвирани ученици), при што, по гледањето филм на големо платно на класик од филмската историја (годинава „Духот на улиштето“ од Виктор Ерисе) учениците пишуваа есеј на зададена тема: „Детската игра, фантазијата и соочувањето со конечноста на животот“. Тричлена стручна комисија во состав: проф. д-р Вангел Ноневски, д-р Марија Тодороска и проф. д-р Владимир Мартиновски ќе ги одбере трите најдобри есеи за ова издание. Доделувањето на наградите ќе се одржи на специјален настан во Кинотеката (31 мај, 13:00 ч.). Работилниците за млади се поделени во две програмски целини. Едната е троделната работилница „Естетиката на филмскиот јазик“ со д-р Атанас Чупоски во Скопје, додека другата се состои од 7 работилници низ целата земја што вклучуваат разработка на актуeлни општествени теми со филмска подлошка. И последниот сегмент од ЕП (Фил(м)ософија со деца) е наменет за најмалите философи и филмофили, учениците од 9-11 години, и е поврзан со гледање на филм на децата и потоа одржување на две фил(м)ософски работилници (физички, во Скопје и, онлајн, за децата низ Македонија). Годинава, деца од 9 до 11 годишна возраст, ќе го гледаат јапонскиот анимиран филм „Мираи“ и потоа под менторство на д-р Мартин Поповски ќе дискутираат за поврзаноста на имагинацијата и емпатијата инспирирани од филмот.
Како интегрален дел на Фестивалот годинава (на 25 и 26 мај, онлајн формат) ќе се одржи Втората меѓународна конференција „Филозофија и филм“. На Конференцијата во 6 сесии ќе земат учество 24 реномирани истражувачи во оваа област од целиот свет (САД, Канада, Романија, Босна и Херцеговина, Шведска, Италија, Швајцарија, Турција, Шпанија, Велика Британија, Ирска, Португалија, Унгарија, Србија, Украина, Грција, Хрватска и Македонија). Главни (kеynote) говорници на Конференцијата ќе бидат светски познатите професори во ова подрачје на истражување, Дејвид Стерит (Соединети Американски Држави) и Луси Болтон (Велика Британија). Конференцијата е биенална и за наредната година е планирано излегување на Зборник текстови од Конференцијата (по примерот на интернационалниот Зборник кој произлезе од Првата меѓународна конференција во рамките на Фестивалот во 2021 година).
Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија, и ќе се одржи со поддршка на Агенцијата за филм и Министерството за култура на Република С. Македонија, во соработка со Кинотеката на С. Македонија, Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, Амбасадата на Република Полска во Скопје, МЕДИА Деск Мк, Музејот на современата уметност Скопје како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на Фестивалот.
Постерот, односно визуелниот печат на Фестивалот го изработи Катерина Тери Николовска.
Повеќе детали за 13. Филозофски филмски фестивал може да најдете на следниов ЛИНК.