Јаглен ја „зацрни“ Фонтана ди Треви во акција на еко активисти

Седум млади активисти кои работат на зголемување на свесноста за климатската итност, во саботата, влегле во италијанската Фонтаната Треви во Рим и фрлиле растворен јаглен, со што водата добила црна боја, јавува „VOA“.

Активистите, кои се дел од групата „Последната генерација“, држеле и банери на кои пишувало „ние нема да плаќаме за гориво“, а викале и „нашата земја умира“.

Полицијата за кратко време интервенирала, влегувајќи во Ди Треви и ги привела активистите, чиј чин бил будно следен од туристите кои ја проследиле целата акција, а притоа и ги навредувале активистите, покажуваат видео снимки.

Во свое соопштение, од „Последната генерација“ нагласиле дека треба да се стави крај на државните субвенции за гориво, како и дека ги поврзуваат своите протести со скорешните поплави кои го зафатија северниот дел на Италија, во кои имаше и жртви.

Според групата, една од четири куќи во Италија се под ризик од поплави.

Градоначалникот на Рим, Роберто Галтиери, го осудил протестот, кој пак е последен во серијата еко протести кои досега беа вршени врз уметнички дела во музеите низ Италија.

„Доста веќе со овие апсурдни напади на нашето уметничко наследство“, напишал Галтиери на Твитер.