Од платформата ВатсАп велат дека ќе овозможат корисниците да можат да ги менуваат пораките, во чекор кој треба оваа социјална мрежа да ја изедначи со можноста која веќе ја нудат конкурентските Телеграм и Сигнал.
Сервисот за брзи пораки е дел од американскиот технолошки џин Мета, во чија сопственост се и Фејсбук и Инстаграм.
Оваа нова можност ќе биде достапна за преку 2 милијарди корисници на ВатсАп во следните недели и ќе може да се направи во првите 15 минути од испраќањето на пораката. Во моментов најмногу корисници на платформата доаѓаат од Индија, каде речиси половина милијарда корисници ја користат оваа апликација.
„Од поправање ситна правописна грешка, до додавање дополнителен контекст на пораката, возбудени сме што ќе внесеме повеќе контрола врз вашите преписки“, наведуваат од ВатсАп на нивниот блог.
„Се` што треба да направите е да ја држите малку подолго испратената порака и да изберете „уреди“ (Edit) од менито во рок од 15 минути“, се додава во информацијата.
Променетите пораки ќе бидат означени со текст „променети“ (edited), така што примачите ќе бидат свесни дека контекстот на пораката се променил. Сепак, нема да постои можност да се провери како пораката била изменета во меѓувреме.
Оваа објава на ВатсАп доаѓа откако иста ваква можност беше понудена и од платформите за праќање пораки Телеграм и Сигнал. Функцијата за промена на пораки беше воведена од Фејсбук пред речиси една деценија. Уште тогаш од социјалната мрежа тврдеа дека половина од нивните корисници ја користат социјалната мрежа преку мобилните телефони, што предизвикува повеќе грешки во пишувањето.
Минатата година и Твитер дозволи менување на твитовите на нивната платформа, но само за претплатниците на нивниот сервис Твитер Блу. Твитовите можат да се променат во првите 30 минути од објавувањето.