Во сите судови во државата во просек застаруваат по речиси 1.000 предмети на годишно ниво, или поточно, по 932, покажуваат податоците што Мета ги доби од судовите, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Ова се однесува на периодот од 2018 до 2022 година, а најмногу застарени предмети имало во 2019 и во 2020 година.
Трендот на застарување на предмети се намалува, па минатата година застареле 456 предмети во основните и во апелациски судови. Најмногу дела за кои настанало застарување на делото се однесуваат на загрозување на безбедноста на сообраќајот.
Темата за застарување на судските предмети, со кои им се овозможува на сторителите на кривични или прекршочни дела да не одговораат и да не сносат последици, најмногу се разгоре кога ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, успеа да „куртули“ – минатиот месец застаре случајот „Титаник 2“, кој се однесуваше на договарање за гласање за приговори во корист на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година во Струмица.
До застарување дојде откако поминаа речиси пет години од првото одржано рочиште. Еднаш се донесе осудителна пресуда во Основниот кривичен суд во март 2019 година, но Апелацискиот суд го врати на повторно судење. Во повтореното судење, пресуда беше донесена во јануари годинава, но предметот не успеа да помине пред Апелација за пресудата да стане правосилна, односно седницата беше закажана дури откако беше дојдено до застарување. За кривичното дело за кое се гонеше Мијалков, „примање награда за противзаконито влијание”, апсолутна застареност настапува 10 години откако е сторено делото.
Најмногу застаруваат прекршочните предмети
Во скопскиот Апелациски суд од 2018 година до март годинава застареле пет предмети за загрозување на безбедноста на сообраќајот, три предмети за фалсификување исправа, два за кражби и по еден за даночно затајување, измама и употреба на исправа со невистинита содржина.
Во Основниот кривичен суд лани застареле 16 предмети, а до крајот на март годинава уште четири. Меѓу нив е и предметот за ексдиректорот на Царинската управа Драган Даравелски осуден за злоупотреба на службената положба. Даравелски по долги години во бегство самиот се појави во земјава и беше уапсен, но Кривичниот суд немаше друга можност освен да донесе решение со кое го запира кривичниот прогон. Според судиите, нему не може да му се суди одново бидејќи има апсолутна застареност на делото злоупотреба на службена положба и овластување. Пресудата со која доби седум години затвор се укина.
Податоците со кои располага Судскиот совет на РСМ покажуваат дека од апелациските судови во земјава (Битола, Гостивар, Скопје и Штип), од 2018 до 2022 година, најмногу застарени предмети има во Скопје – дури 612, а најмалку во Штип – четири. Најголем број застарени предмети се второстепени прекршочни предмети.
Во основните судови исто така најмногу застаруваат прекршочните предмети. Сепак, не е мал бројот на предмети кои застареле, а се однесувале на повикани лица на издржување казна затвор. Во Основниот кривичен суд во Скопје, во последните 5 години застареле 313 предмети, во Кавадарци 7, во Дебар 17, во Тетово 53, во Прилеп 28.
Во Основниот кривичен суд во Скопје, од 2018 година до крајот на март годинава, застареле пет предмети за даночно затајување. Четири предмети кои се однесувале на злоупотреба на службената положба и овластување исто така не дочекале да добијат судска завршница. Во овој суд застарел и еден предмет за злосторничко здружување и еден за несовесно работење во службата.
Жестоки реакции за застарувањето на предметите
Незадоволство во однос на застарувањето на предметите доаѓа од многу страни, вклучително и од меѓународната заедница.
По повод денот на правосудството, државниот обвинител Љубомир Јовески во март годинава, во порака до јавните обвинители во државата, изрази незадоволство од застарувањето на предмети што беа во фокусот на јавноста, а за некои што не се застарени вели дека не ја добиваат потребната динамика, но за тоа го прозива судот.
„Не можам да не изразам незадоволство со одредени судски одлуки кои овозможија застарување на предмети за чиј исход јавноста беше заинтересирана. Одредени постапки, пак, не се застарени, но и покрај ажурноста на обвинителското постапување, сè уште не ја добиваат потребната судска динамика и немаат разрешница“, напиша Јовески во писмената честитка.
Со реакција се јави и Основниот Кривичен суд од Скопје минатиот месец, во која изрази критики во однос на работата на Апелацискиот суд, а откако повеќе судски предмети против високопрофилни лица застареа или пак беа вратени на повторно постапување. Првостепениот суд во писмото ги повика медиумите и стручната јавност да анализираат каде и поради кои „суштествени повреди“ предметите со години чекаат правосилност и застаруваат, а граѓаните ја губат довербата во судството.
Оваа реакција следуваше откако Апелацискиот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите Владимир Атанасовски, Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, ја укина првостепената пресуда за предметот „Организатори на 27 април“ и ја врати на повторно судење. Од Кривичниот суд тврдат дека Апелација можела брзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите лица, особено што предметот повеќе од една година се наоѓал во нивно постапување.
„Доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш судот можел веднаш да одлучи, пред се заради заштита на правата на обвинетите кои беа во притвор и под мерки, правата на оштетените кои се во исчекување на конечна одлука, но и заштита на самата постапка која може да застари. Мора да се има во предвид дека со укинување на пресудата и нејзино враќање на повторно постапување, се прават дополнителни трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, кое е на штета на сите нас“, изјавија од Кривичниот суд.
Апелационите судии, тврдат од Кривичниот суд, наместо административно да ги враќаат предметите на докомплетирање или на повторно постапување, и повеќе од една година да не постапуваат по истите, „имаат законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат со што ќе допринесат во неселективната борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда што е заложба на целата држава и предуслов за европскиот напредок“.