Дваесет и четири интернационални истражувачи на филмот и филозофијата, меѓу кои Дејвид Стерит и Луси Болтон, ќе учествуваат на Втората меѓународна конференција „Филозофија и филм“ (Philosophy and Film) во рамките на овогодишното издание на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ).
Конференцијата ќе се одржи денес и утре, на 25 и 16 мај и ќе може да се следи и онлајн.
Во шест сесии, на Конференцијата ќе учествуваат истражувачи од САД, Канада, Романија, Босна и Херцеговина, Шведска, Италија, Швајцарија, Турција, Шпанија, Велика Британија, Ирска, Португалија, Унгарија, Србија, Украина, Грција, Хрватска и Македонија.
„Конференцијата е интегрален дел на Филозофскиот филмски фестивал чијашто Главна програма на 13-тото издание ќе се одржи во периодот 2-9 јуни во Кинотеката на С. Македонија. Годинава Фестивалот во својот фокус го има Годар, па соодветно на тоа и инаугуралната сесија е посветена токму на творештвото на овој филмски великан“, велат од ФФФ.
Оттаму дополнуваат дека за наредната година е планирано излегување на Зборник текстови од Конференцијата.