Од Хелсиншкиот комитет за човекови права упатија реакција во која велат дека случајот на Мемет Камбер алармира што побрзо да се решат системските недостатоци при добивањето лични документи.
Оттаму истакнуваат дека иако Мемет имал извод од Матичната книга на родените, не успеал да добие лична карта и според Фондот за здравствено осигурување, во таков случај – „овие лица не можат да се стекнат со статус на осигурено лице“.
Од Хелсиншкиот комитет велат дека оваа вест е уште еден доказ за итната потреба од решавање на проблемот со добивање на државјанство и упис во матичната книга на родени.
„Државјанството ја претствува правната врска на едно лице со државата , од кои пак се црпат правата и обврските. Остварување на основните човекови права не смееат да бидат привилегија во една држава, а државата пак има обрска да овозможи остварување на овие права на секој човек, согласно меѓународните стандарди и европските документи на кој како демократска држава сме обврзани“, се вели во реакцијата.
Според Хелсиншки, досегашните напори на државата за упис на овие луѓе не е доволна, а објавувањето на јавниот повик за упис во матична книга на родени во 2018 и 2019 година и донесувањето на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени биле привремени решенија со цел да се олесни пристапот до одредени права.
„Сепак немањето на сеопфатна стратегија, тромавоста на институциите и недоволната информираност на граѓаните за постапките за упис во книгата на родените, резултира со недоволен број на уписи на лица кои се без државјанство. Продолжената примена на овој ad hoc закон до 30.06.2022 година, треба да овозможи ефективно и навремено евидентирање на засегнатите луѓе за да имаат непречен пристап до јавните услуги“, нагласуваат од Комитетот.
Од организацијата истакнуваат дека треба да се даде шанса на постојното законско регулирање и до истекот на рокот на 05.06.2021 година предвиден во Законот за странците и по истекот на рокот на 30.06.2022 година, предвиден во Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени.
„Дополнително, потребна е едноставна и олеснета постапка за добивање на лични документи. Случајот на Мемет не е единствен, има уште многу наши сограѓани кои се невидливи за правниот систем, без единствен матичен број и без пристап до основните човекови слободи и права“, посочуваат од Хелсиншкиот Комитет.