Во кумановскиот „Валхала бар“ на 3 јуни (сабота) од 21 часот ќе има свирка на Седатив и Димиш.
Организаторот соопштува дека „Седатив“ доаѓаат од Краљево, Србија, а се анархо-панк/ХЦ екипа со голема музичка километража зад себе. Се’ уште повеќе од способни, енергични и гласни во борбата против омразата. Од 90-ите, кога излегуваат од гаражите на Краљевачката панк/ХЦ школа, па навака, креваат прашина на издупчените балкански патишта, целосно уништени од непрописно тешката машинерија наречена социјална неправда.
„‘Седатив’ предупредуваат на идеолошко-политички опасности како што е стадионската националистичка хистерија, која се движи со голема неприлагодена брзина. На овие уништени патишта, кои не се поправени или обновени уште од падот на Југославија, Седатив се движи со чиста политичка и социјална свесност, и добро ги знае препреките какви што се корупцијата и клептократијата и капитализмот со опоен балкански шмек. Со своите 10 песни/химни за одржување на будност на патот и сузбивање на Балканска учмаеност, касетата насловена ‘Color caecitas’ е последното издание на оваа екипа. Џоле, Ниџо, Војкан, Каса и Ќиро (Седатив) ни доаѓаат за прв пат во куманово со најава за нов материјал и можност да чуеме некои од нивните новите химни. Фрлете ги своите седативи на 3ти јуни и облечете ги своите чевли за газење и дојдете на овој Седатив!“, стои во најавата.
Исто така, организаторот вели дека локална поддршка на настанот ќе биде Димиш, младич од Скопје кој што со неговиот бенд има мисија да го врати класичниот панк-рок во игра и супер се снаоѓа во таа улога.
„Иако релативно млада појава на скопската сцена, Димиш има едно чудо изданија на неговиот bandcamp, а музиката варира од панк-рок па сѐ до инди поп“, се вели во најавата.